1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Пријателот од „Поранешната османлиска империја Грција“

Економистот Џек Адамис, еден од најискусните грчки деловни луѓе во ЈИЕ, кој работи за реноминарата маркетинг-агенција од Атина, „Ешли Ворлдгруп“: бизнисот во Македонија и Грција страда поради политиката.

default

Џек Адамис, активен во регионот веќе 25 години, чувствува силна поврзаност со регионот и радо се сеќава на времињата кога бизнисмените од Атина или Солун масовно доаѓале во Скопје, во потрага по нови пазари за продажба. „Ешли Скопје“ уште пред неколку години беше една од најуспешните агенции во групата, но во услови на економска криза бизнисот стагнира.

Грците заинтересирани за поголеми пазари

Symbolbild EU Erweiterung Bulgarien Rumänien

Грците се позаинтересирани за инвестиции во Бугарија и Романија

Многу грчки фирми повеќе не се интересираат за соседната земја, смета Адамис, и тоа не само поради ограничениот буџет: „Токму кога некое претпријатие е во криза, надворешната трговија му нуди нови нови деловни опции. Во тој поглед Грците секако треба да бараат можности во странство, но сметам дека во моментов тие повеќе се заинтересирани за поголеми пазари, како што се Романија или Бугарија. Видете, Романија има дваесет и пет милиони потенцијални потрошувачи, Украина дури педесет милиони, таму има сосема поинакви можности. Освен тоа, актуелната политичка ситуација во Скопје не е баш поволна за нас...“

А зошто не? Адамис малку се двоуми, негов домен е пред се‘ бизнисот и не сака да заплетка во политичка дискусија, но потоа сепак сосема јасно зборува за актуелните проблеми. Тој вели дека порано имал чувство дека е добредојден во Скопје. Затоа Грција и ден-денес е најголемиот странски инвеститор во земјата, наспроти се‘ уште нерешениот спор за името. Но, Адамис вели дека безгрижните времиња за жал поминаа: „До пред неколку години ние Грците без проблеми можевме да работиме во оваа земја, всушност воопшто немаше проблеми. По последната промена на владата во Скопје, а најмногу по грчкото вето во Букурешт, тоа повеќе не е толку едноставно. Во еден период луѓето не можеа ни да стојат пред грчкиот конзулат за да поднесат барање за виза за Грција, оти веднаш ги нарекуваа ’предавници’...“

Да се реши спорот за името

Skopje Zentrum

Најдобрите пријатели на Адамис од регионот се од Скопје

Повеќе од 250 грчки фирми работат во соседната земја, каде инвестирале вкупно над една милијарда евра. Исто и Џек Адамис голем дел од времето поминува во Скопје, не само поради професионалните обврски, туку и поради тоа што таму има добри пријатели. Како што вели, потешкотиите ги прифаќа со хумор и самоиронија: „Веќе над дваесет години сум активен на Балканот и насекаде најдов нови пријатели, но ви велам: моите најдобри пријатели во регионот се од Скопје. Кога сум таму, меѓусебно се посетуваме и ја критикуваме високата политика. Моите пријатели ми велат дека доаѓам од ’Поранешната османлиска империја Грција’. Значи, како и да одлучи политиката, мене ми е е важно со тоа да не се нарушат меѓучовечките односи...“

Решение во спорот за името би било од корист за двете земји, смета Адамис. А за него лично во секој случај, тогаш имено би имало директна авионска линија помеѓу Атина и Скопје. Грчкиот бизнисмен не може и не сака да им дели совети на политичарите кои преговараат. Но, тој смета дека двете страни треба да му пријдат на проблемот со студена глава: „Нашите соседи сепак знаат дека ако соработуваат, може само да профитираат. Тие немаат заедничка граница само со Грција, туку и со Албанија, со Косово, како и со Бугарија. И со сите овие соседни земји всушност имаат поголеми потешкотии, отколку со Грците. Мислиме дека со спорот за името имаме огромен проблем, но реално овој проблем е повеќе маргинален...“

Автор: Јанис Пападимитриу / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска