1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пријателот на Обама, кој има поинакво мислење

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоан во Вашингтон разговараше со американскиот претседател Барак Обама. Обама ја означи Турција како важен партнер во спорот околу атомската програма на Иран. Сепак...

default

Реџеп Таип Ердоан и Барак Обама

Американскиот претседател Барак Обама ја пофали Турција генерално, исто како што ги пофали и односите со Турција како НАТО-партнер, кој е еден од најважните сојузници на САД кога станува збор за проблеми како Иран, Ирак, Авганистан и Блиски исток.

„Турција е многу голема земја. Односите меѓу нашите две земји се цврсти и се радувам што можам да го наречам господин Ердоан мој личен пријател“, изјави Обама.

Но, и пријателите можат да имаат разлики во мислењата, забележа американското национално радио НПР по првата средба меѓу Ердоан и Обама во Белата куќа. Дефиницијата на Обама, замислена пријателски, за Турција како секуларна демократска држава со големо муслиманско мнозинство, не може да ги прикрие разликите во мислењата меѓу Вашингтон и Анкара. Тоа се однесува пред се‘ на турските трговски односи кон соседот Иран.

„Во изминатите недели Турција склучи важни зделки со Иран, пред се‘ во делот на нафтата и гасот.“

Ердоан - истовремено пријател и со Иран и со САД

Со зголемена лутина Обама регистрира дека Турција го зголемила за трипати трговскиот волумен со Техеран. „Турскиот премиер го опишува иранскиот претседател, и тоа без да трепне, како добар пријател“, известуваат изиритирано американските медиуми. Целта на Ердоан е токму тоа - да биде истовремено пријател и со Обама и со Ахмадинеџад. Турскиот премиер верува дека со Техеран на мек начин ќе го постигне тоа што Обама сака да го спроведе со остри санкции.

Recep Tayyip Erdogan bei Barack Obama Washington Flash-Galerie

„Ние ја почитуваме иранската атомска програма“, вели Ердоан.

Според она што Ердоан му го соопшти на Обама во Вашингтон, тој води разговори со Техеран околу тоа - облагородениот ураниум наместо во Франција или Русија, да го депонира во Анкара. На Обама, во меѓувреме, му е јасно дека Турција, исто како и Русија и Кина, може да го расипе планот на Америка за заострени санкции против Техеран. Сепак, американскиот претседател се обиде на прес конференцијата со Ердоан да презентира оптимизам.

„Верувам дека Турција може да игра важна улога во тоа Иран да се придвижи во вистинска насока.“

Од Турција нема решавачка помош

Американскиот претседател знае - тој не може да очекува решавачка помош од Анкара ни во поглед на Иран, ниту што се однесува до војната во Авганистан.

Уште пред да си замине од Вашингтон премиерот Ердоан нагласи дека во Авганистан во догледно време нема да испрати повеќе од веќе испратените 1750 турски војници. А тие исто така со сигурност нема да сторат едно - да се борат против муслиманските талибанци.

Автор: Ралф Зина / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска