1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Приштина револтирана од референдумот

На северот на Косово продолжува дводневниот референдум на кој тамошните Срби се изјаснуваат дали ги прифаќаат косовските институции. Владата на Косово ја обвинува Србија за организирање на референдумот.

Во трите српски општини во северно Косово на првиот ден од референдумот на кој граѓаните гласаат за тоа дали ги прифаќаат институциите на Косово на гласање излегле 48 насто од оние со право на глас. Денес освен во Северна Митровица, Звечан и Зубин Поток референдум се оддржува и во општината Лепосавиќ. Право на глас во сите четири општини имаат околу 35 илјади граѓани.

Граѓаните на северниот дел на Митровица сметаат дека на референдумот гласаат за Србија иако владата во Белград не го поддржува ваквото изјаснување:„Мислам дека ние на овој референдум не гласаме против Србија туку за Србија“, вели еден граѓанин. „Ова е одговор на народот на косовските власти на кои им велиме ’не’ за институциите во Приштина!“.

„Референдумот е нелегален“

И покрај тоа што централната власт на Србија не го поддржува реферндумот на северот на Косово, владата во Приштина обвини дека зад организацијата и одржувањето на референдумот во четири општини во Северно Косово што започна вчера, а ќе трае и денеска, стои српската Влада.

Косовската Влада соопшти дека референдумот во општините во Северно Косово е „илегален чин на мешање во внатрешните работи на Косово“ што не придонесува за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград.

Владата во Приштина наведува дека со таквиот чин се покажува „болната амбиција и територијалната претензија на Србија во однос на Косово“.

Приштинските власти истовремено ја повикаа меѓународната заедница да изврши притисок врз Србија за да престане со таквите постапки.

Меѓународните претставници на Косово истотака изнесоа став дека референдумот во Северно Косово нема да има никаков законски ниту политички ефект.

Прелиминарните резултати од референдумот ќе бидат познати вечер, набргу по затворањето на гласачките места, додека конечниот исход од гласањето ќе биде познат на 19. февруари.

Автор: Зулфија Јакупи/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска