1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Причини за загриженост

Коментар на Карл Завадски

По едногодишна слаба фаза, светската економија заздраве на драматичен начин. Порастот на светско ниво годинава изнесува пет насто што е најмногу во изминатите 30 години. За наредната година Меѓународниот монетарен фонд прогнозира нов растеж од 4,3 насто. И се би било добро ако таквиот напредок е насекаде еднакво распореден. Меѓутоа, светот се развива одвоено: богатите стануваат побогати, сиромашните посиромашни. Порастот на светската економија достигнува рекордни нивоа. Притоа, конјункутурата не ја турка само Северна Америка, зашто и Европа, на пример, го пречекори ниското ниво. Стопанството е во пораст. Јапонија, по десет години рецесија, се врати на силниот развоен курс. Во Кина продолжува економскиот бум, а Индија ги постави рамките за либерализација на економијата и согледа дека е исплатливо да се намали државното влијание врз развојот. Благодарение на најнаселените држави Кина и Индија, многу е можно, ако не и сигурно, да биде достигната милениумската цел до 2015 година да се преполови апсолутната сиромаштија што, без сомневање, би бил голем успех. Меѓутоа, за жал, и натаму големи делови од светот воопшто или сосема малку учествуваат во економскиот напредок. Тоа посебно важи за Африка.

И покрај рекордите на развојот на светско ниво, годишното заседание на Светската банка и на Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон се одржа во сенката на дифузно чувство на несигурност. Тоа не е поврзано само со растечките цени на нафтата кои можат да предизвикаат крај на убавите соништа. Многу повеќе станува збор за загриженоста дали светот натаму ќе се развива во благосостојба и мир. Сигнал за тоа беа високите бетонски пречки зад кои беа сокриени министрите за финансии и претседателите на националните банки од околу 200 држави за време на годишното заседание. Тие бариери не требаше да ги спречат демонстрантите, туку терористите. Во Пакистан се откриени докази дека Светската банка и ММФ се вброени во целите на Ал Каеда. Се разбира дека против тероризмот мора решително да се војува. Но, подеднакво е важно да му одземе тлото, што значи да се стави крај на апсолутната сиромаштија, на смртноста на децата, на слабото образование, на корупцијата, трговијата со дроги, на болестите и на нееднаквиот економски развој. Порастот на нееднаквоста е една од најголемите опасности за мирот и стабилноста. Тоа најсликовите се гледа во фактот дека повеќе луѓе умираат од глад отколку од оружје. Во времето на глобализацијата поважно од кога и да е да се намалат нееднаквоста и погрешниот развој. А, токму тоа недостига.

Карл Завадски