1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Притисокот на работното место води во депресија

Светската економска криза и притисокот на работно место поради заострените услови во екот на глобализацијата сериозно влијаат врз здравјето на светското население. Особено во пораст е бројот депресивни заболувања.

default

Според проценките на експертите депресијата, како една од манифестациите на зголемениот притисок на работното место, се развива во општонародна болест. Таа според нивните проценки до крајот на идната деценија ќе се искачи на второ место, по срцевите и заболувањата на крвотокот. Ширум светот веќе денес има најмалку 121 милион лица кои страдаат од депресија, а таа е една од најважните причини за самоубиство.

Кога неодамна се прошири веста за серијата самоубиства во францускиот Телеком, политичарите и експертите беа шокирани и затечени. Во прошталните писма на некои од вкупно 25-мина службеници на Телекомот кои си го одзедоа животот, вината за таквиот чекор му ја префрлија токму на раководството на концернот, кое многу ги заостри работните услови.

Symbolbild Depression Angst Verzweiflung Flash-Galerie

Некогаш се чини дека нема излез од ситуацијата

Дека случајот во Франција не е единствен, сведочи и уште еден од многуте примери во Германија, каде едно претпријатие што произведува опрема за кујни беше соочено со големи загуби минатите неколку години. Обидот да се запре пропаѓањето на претпријатието со отпуштање на стотици работници не се покажа како успешен. Затоа менаџерскиот тим дојде на идеја да објави долгорочен натревар: оној од вкупно четирите погони што ќе покаже најслаби резултати, тој ќе биде затворен на крајот од 2012 година.

Далекусежни последици

Ваквата неизвесност и зголемен притисок на работно место може да остави тешки последици по физичкото и душевното здравје на вработените, оценува психотерапевтот, Рајнхолд Бјанки: „Кога луѓето на подолг рок се изложени на вакви оптоварувања, тогаш се зголемува чувството на преоптовареност. Потребата по смирување и припадност во колективот не е задоволена. Расте притисокот, преоптовареноста исто така, бидејќи вработените сакаат да сторат се’ за да си го спасат работното место. Во такви ситуации напнатоста и незадоволството се свртуваат на внатре и тоа е многу важен фактор за настанувањето на депресиите“, појаснува терапевтот Бјанки.

Statue mit verzweifeltem Ausdruck Depression

Депресијата не е нова појава, но затоа многу позачестена

Според годишниот извештај на една од најголемите компании за здравствено осигурување во Германија, АОК, минатите години голем број вработени не се осмелувале да одат на боледување. Како причини за тоа тие го наведуваат стравот дека ќе го загубат работното место, стравот од колегите и шефовите, како и чувството на оптовареност дека ќе заостане многу работа, што нема кој да ја заврши ако тие не се појават на работното место.

Притисок со мерка

Ваквиот притисок е опасен, тврдат експертите. Герд Вестерман од германското Здружение за поттикнување на здравјето во претпријатијата гледа тесна поврзаност меѓу условите на работното место и психичките заболувања. „Бележиме драматично зголемување на бројот депресивни пореметувања. Тоа е поврзано со фактот дека има се’ повеќе промени и реструктуирање во претпријатијата, може да се каже во речиси сите претпријатија.“

Вработените се соочени со постојани промени во организацијата на работниот процес и често се случува од ден на ден да не знаат повеќе што ги очекува и со какви работни задачи ќе бидат соочени следниот ден. Освен тоа се зголемува и обемот на работа, така што луѓето се под зголемен временски притисок да завршат се’ во текот на работното време.

Symbolbild Rezession Finanzkrise Weltwirtschaft Bauindustrie Depression

Психата е кревка

Згора на се’ често недостасува признание за зголемените напори од страна на работодавачот. Тоа особено влијае врз расположението и здравјето на вработените. Американскиот социолог Ричард Сенет тврди дека односите на работното место претрпеле темелна промена во последните неколку години.

„Промените во организацијата на работниот процес во изминатите 15 години ги карактеризира слабеење на контактите и социјалните односи меѓу вработените. Луѓето го губат идентитетот на работно место, бидејќи се концентрираат се’ почесто само на кусорочни задачи. Тоа се должи на политиката на претпријатијата кои не се борат повеќе за долгорочна добивка и реноме, туку најчето за кусорочен профит и зголемување на вредноста на акциите на фирмата на берзата.“

Драматичен тренд

Поради таквата ситуација бројот психички заболувања во Германија пораснал за цели 80% во изминатите 15 години, тврди студијата на осигурителната компанија АОК. Голем број лекари се соочени со симптоми на депресија кај пациентите, како на пример т.н. „пореметување на способноста за прилагодување“, појаснува психотерапевтот Рајнхолд Бјанки: „Пореметување на способноста за прилагодување се нарекува феноменот при кој луѓето не се повеќе во состојба да излезат на крај со барањата што околината ги поставува кон нив. При тоа развиваат симптоми на психички пореметувања. При тоа не станува збор за прилагодување на вработените на новите услови, туку за взаемно прилагодување на работодавачите и вработените. За разлика од порано, каде вработените беа интегрирани во конструктивно социјално опкружување, денес се случува спротивното: неолибералната економија и политика не водат сметка за основните потреби на вработените.“

Автор: Улрике Маст-Киршнинг/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска