1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Притисокот за прием на Македонија во НАТО се зголемува

Две и пол години по Букурешт, Македонија е се’ уште пред затворената врата на НАТО. Какво е расположението во Алијансата и до кога ќе чека? За Дојче веле говори Карл Ламерс, прв човек на Парламентарното собрание на НАТО.

default

„Расположението кон Македонија во Парламентарното собрание на НАТО е мошне позитивно. Ние знаеме да ги цениме напорите што ги вложува земјата во реализирање на вредностите на НАТО. 160 македонски војници се во ИСАФ, ги има и во ЕУ-операцијата АЛТЕА, во УНИФИЛ. Вкупно 190 војници се во различни меѓународни мировни мисии и ваквиот ангажман се почитува. Затоа и во 2009 во Букурешт Македонија доби јасна перспектива за членство. Сега се чека само решението на спорот со името. Ќе се радуваме Македонија скоро да стане членка на НАТО“, изјави за македонската програма на Дојче веле, д-р Карл Ламерс, претседател на Парламентарното собрание на НАТО и член на германскиот Бундестаг.

Тој дополнува дека Македонија може многу да придонесе за поголема стабилност во регионот.

Dr. Karl A. Lamers NATO Bundestag

Оптимист дека спорот скоро ќе се реши и Македонија ќе стане дел од НАТО: Д-р Карл Ламерс

Затоа и членството ќе има големо значење: и за земјата, но и за Алијансата. Наспроти целиот ангажман, меѓутоа, факт е дека членството во Алијансата и натаму за Македонија е „замрзнато“. „Условите се јасни: сакаме спорот со името да се реши пред Македонија да стане членка на НАТО. Се потпираме на напорите и разговорите кои ги модерираат ОН“, вели Ламерс, кој дополнува дека клучот е во рацете на двете земји: Македонија и Грција мораат самите да придонесат за конечното решение на спорот.

Вистинскиот пат преку ОН

До кога, колку долго може да се толерира една ваква ситуација? Дали доколку спорот не се реши до наредното проширување, Македонија на неопределен рок ќе остане пред вратата на НАТО?
„Не, не верувам! Тешко е да се определи временска рамка и конкретно да се каже. Но, сметам дека притисокот се зголемува. Расте желбата на НАТО и Европската унија оваа земја да се интегрира и да се прифати. Се надевам дека постоечкиот притисок води кон тоа! Преку Обединетите нации, преку Македонија и Грција да биде пронајден вистинскиот пат. Јас сум повеќе оптимист, отколку песимист“, коментира Карл Ламерс.

Предусловите стојат

Македонија е трпелива и чека. Но, дали е етички и во европски дух една покана да се условува? Некому да се вети членството во едно друштво, во едно семејство или институција, под услов да си го смени името?

EU übernimmt Oberkommando in Mazedonien

Македонските војници се активни во повеќе меѓународни мировни мисии на Алијансата


 

„Мора да се разбере дека сакаме земјата да ја прифатиме тогаш, кога постоечките проблеми ќе се надминат. Ова не се однесува само на Македонија, туку и на секој друг случај. Имаме предуслови кои мора да се исполнат и се однесуваат на сите држави кои сакаат да станат дел од една меѓународна институција или организација како ЕУ и НАТО. Сега во прашање е нерешениот спор околу името. Подразбирливо е што не се сака кавгата да се внесе во организацијата на НАТО. Затоа ќе повторам: се надевам и посакувам проблемот скоро да се реши, со што Македонија со раширени раце ќе биде прифатена и вклучена во НАТО“, изјави за македонската програма на Дојче веле доктор Карл Ламерс, претседател на Парламентарното собрание на НАТО и пратеник во Бундестагот.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска