1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Притворен партнерот на човекот од доверба на Сноуден

Бразилецот Дејвид Миранда, животен сопатник на новинарот Глен Гринвалд, кој стана познат по извештаите за Сноуден, бил задржан девет часа на лондонскиот аеродром Хитроу врз основа на антитерористичкиот закон во земјата.

Дејвид Миранда (лево на фотографијата со Глен Гринвалд) во текот на вчерашниот (18.08) ден бил задржан на аеродромот Хитроу околу девет часа, а властите му ги конфискувале, меѓу другото, мобилниот телефон, лаптопот и повеќе мемориски картички, пишува весникот „Гардијан“. Британската полиција потврди дека на 18.08 во 08:05 часот е притворено 28-годишно лице врз основа на антитерористичкиот закон и дека лицето било повторно пуштено во 17 часот попладнето, истиот ден. Нема информации зошто конкретно бил притворен Миранда, кој инаку бил на пат за Рио де Жанеиро.

Миранда е животен сопатник на новинарт Глен Гринвалд, кој стана познат по своите извештаи за Едвард Сноуден, човекот што ја обелодени програмата на американската тајна служба НСА за надгледување. Гринвалд по притворањето на Миранда изјави дека обидот за заплашување не успеал. Тој дури добил поголем поттик за уште поагресивно известување. „Ова е тежок удар врз слободата на печатот“, изјави Гринвалд.

Бразилската влада изрази „голема загриженост“ поради случајот. Станува збор за мерка против нејзин државјанин за која нема оправдување. Против Миранда нема обвиненија со кои би се оправдало применување на антитерористички закон, се вели во Бразил. Министерството за надворешни работи соопшти дека Бразил се надева оти такви инциденти веќе нема да се повторат. Реагираше и организацијата за човекови права Амнести Интернешнл (АИ), која во соопштение за печат оцени дека Миранда е жртва на „неоправдана тактика на одмаздување“. Неговото притворање е „незаконско и неоправдано“, констатира АИ.

Британскиот антитерористички закон на безбедносните органи им дозволува да задржуваат лица при гранични контроли до девет часа. Лицата немаат автоматски право на совет од адвокат. Освен тоа, се смета за кривично дело доколку лицето при испрашувањето одбие да даде изјава.