1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Пристапниот дијалог со Македонија не е замена за преговорите за членство

Отворањето на пристапниот дијалог на високо ниво не претставува замена за пристапните преговори за членство или скрининг процесот, го појаснуваат од ЕК за ДВ значењето на новата форма на комуникација меѓу ЕУ и Македонија

default

Од канцеларијата на комесарот за проширување Штефан Филе велат дека дијалогот е предложен од страна на претседателот на Комисијата Жозе Мануел Барозо и тој ќе се одржува двапати годишно во Брисел или Скопје. Намерата на комесарот Филе е да го стартува тој дијалог на пролет заедно со премиерот Груевски, велат од Европската комисија. Помеѓу средбите на високо ниво ќе се интензивира и теничката работа, којашто ќе вклучува формирање на работни групи како неопходност. На тој начин ќе се зајакне поддршката од страна на Европската комисија на реформскиот процес, велат за Дојче веле од кабинетот на комесарот Филе. Во исто време, како што се додава, ќе се овозможи одржлива размена на мислења и подлабоко следење на политичките критериуми и другите реформи, коишто се поврзани со пристапните критериуми.

Од кабинетот на Филе велат дека во клучната област – владеење на правото, целта е да се има дополнителна техничка анализа во линија на новиот пристап применет со Црна Гора. Тој може да се прошири на сите земји кандидати, коишто преговараат или не преговараат со ЕУ.

Дијалогот по иницијатива на Европската комисија

Од Комисијата нагласуваат дека пристапниот дијалог на високо ниво ќе се води по нивна иницијатива, но и дека напредокот што Македонија ќе го направи за време на дијалогот ќе и’ помогне кога ќе ги започне преговорите за членство. Дијалогот во понеделникот вечерта (23.01.) го најави комесарот Филе.

PK des EU Erweiterungskommissars Stefan Füle zu den Fortschrittsberichten

Штефан Филе

„Ние ќе стартуваме пристапен дијалог на високо ниво со ПЈР Македонија оваа пролет. Тоа ќе им даде нов поттик на нашите односи и ќе ја зголеми нашата соработка во пет приоритетни политички области“, изјави Филе по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација со Македонија.

Во насока на концентрирање на напорите за да се создадат резултати е препорачано да се одберат ограничен број теми за дискусија. Европската комисија издвојува пет клучни прашања што треба да бидат приоритет во пристапниот дијалог на високо ниво. Затоа од таму препорачуваат дека формирањето на работните групи во оние области во кои ги нема би било олеснување за идната работа.

Пет точки за дискусија

Комисијата како прва точка за расправа ја издвојува слободата во медиумите. Ова прашање од висок ранг е во срцето на политичките критериуми, а за него земјата во 2011-та доби критики од многу страни, велат од кабинетот на Филе. Се нагласува и дека работната група за ова прашање формирана од вицепремиерката Арифи мора да испорача конкретни резултати.

Во однос на владеењето на правото од кабинетот на Филе велат дека реформите, усвоени уште од 2005-та година наваму, мора да се применат во пракса за да се осигура независноста на судството, борбата со корупцијата и организираниот криминал, како и контролите на границите. Техничката анализа на поглавјата 23 и 24 ќе го поттикне тоа, велат од Европската комисија.

Mazedonien EU Fahnen

Трето прашање за дискусија ќе биде реформата во јавната администрација, бидејќи од Комисијата сметаат дека стабилноста и ефикасноста на администрацијата останува клучна за економскиот раст, како и за меѓуетничките односи.

Четврта тема за дискусија е изборната реформа. Од Европската комисија велат дека во 2012-та година мора да се применат препораките на ОДИХР за прочистување на избирачките списоци и преземање мерки за избегнување на злоупотребите на државните ресурси за политички натпревар. Комисијата вели дека ова мора да се заврши пред локалните избори во 2013-та.

Функционирањето на пазарната економија е петта точка за дискусија. Од Европската комисија забележуваат дека приватизацијата е завршена, а економијата стабилна и многу отворена, но во исто време укажуваат дека се потребни подлабоки структурни реформи и интензивирана соработка.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM