1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Принцезата Дијана ја убил војник?

Британската полиција проверува нови информации околу смртта на принцезата Дијана пред 16 години во Париз. Според Скотланд Јард, не станува збор за повторно отворање на истрагата за смртта на Дијана.

Смртта на принцезата Дијана е повторно предмет на истрага. Британската полиција соопшти дека иследниците добиле нови информации за автомобилската несреќа на Дијана и нејзиниот животен сопатник Доди ал-Фајед во Париз и дека ги проверуваат „релевантноста и веродостојноста“ на тие информации.

Не станува збор за ново отворање на истрагата, соопшти Скотланд Јард. Проверката, исто така, не е дел ниту од истрагата за голем број теории на заговор поврзани со смртта на Дијана. Таа истрага во 2006 година заврши со заклучок дека сите претпоставки се неосновани.

Британската асоцијација за печат, повикувајќи се на извори во армијата, јави дека родителите на поранешна сопруга на екс-војник дале информации за кои војникот зборувал во минатото. Овие информации и‘ се проследени на британската воена полиција.

Скај Њуз јави дека информациите се однесуваат на дневникот на Дијана и на британската специјална единица САС (Special Air Service). Меѓу другото, станува збор за обвинување дека Дијана, нејзиниот животен сопатник Доди ал-Фајед и нивниот возач Хенри Пол, биле убиени од припадник на британската армија.

Bildergalerie Prinzessin Diana Lady Diana

Полицијата го отстранува автомобилот на Дијана од тунелот во Париз по несреќата (архива)

Досега нема реакција ниту од кралската куќа ниту од британското министерство за одбрана. Портпарол на египетскиот милијардер Мохамед ал-Фајед, таткото на Доди ал-Фајед, вчеравечер (17.08) изјави дека тој е „заинтересиран за резултатот“ од проверката на новите укажувања.

Автомобилската несреќа во која загинаа принцезата Дијана, Доди ал-Фајед и возачот Хенри Пол, се случи на 31. август 1997 година, во еден уличен тунел во Париз. Дијана стана британска принцеза со склучувањето брак со принцот Чарлс во 1981 година. Тие се разделија во 1992 година, а четири години подоцна следуваше и официјалниот развод.