1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Принуден одмор во фабриките за автомобили

Финансиската криза се‘ поостро ја погодува автомобилската бранша. Во германските фабрики: Дајмлер, БМВ и Опел, работниците ќе одат на принуден одмор. Затворени се привремено и погони на Пежо - Ситроен и Рено во Франција.

default

Нема работа за производителите

Автоконцернот Дајмлер своите 150 илјади работници во Германија ќе ги испрати на продолжен Божиќен одмор. Во сите погони, според информациите од Штутгарт, е предвидена принудна пауза до четири недели. И во Опел во Бохум се заканува запирање на производството од две недели на крајот на ноември. Во Лајпциг, во халите на БМВ, машините мируваат од вчера. Принудно запирање на работата има веќе и во француските фабрики за автомобили. Автоконцернот Рено и ПСА Пежо - Ситроен вчера за првпат затворија неколку погони. Непланираната пауза за работниците ќе трае најмалку една недела.

Citroen Concept Car Cactus

Тишина и во погоните на Ситроен

Американската влада размислува за пакет за помош

Американската влада пак размислува за помош до десетина милијарди долари за фузија на од кризата зафатените Џенерал Моторс и Крајслер. Одлуката ќе биде донесена во текот на оваа недела. Во американската автомобилска индустрија, која се наоѓа во вистински проблеми, инаку се вработени околу 350 илјади луѓе, а индиректно од неа зависат 4,5 милиони работни места.

Ферхојген бара итни мерки

Европскиот комесар за индустрија, Гинтер Ферхојген, предупредува од последиците на финансиската криза во европската и германската автомобилска индустрија. Во интервју за денешниот број на весникот „Ное пресе“ Ферхојген истакнува дека автоиндустријата доживува удар каков што немало многу години, тој ситуацијата ја проценува за исклучително заканувачка. Еврокомесарот смета дека е крајно време да се преземат конкретни чекори, во спротивно се заканува масивно намалување на работните места во оваа бранша.

Günther Verheugen

Гинтер Ферхојген

Ферхојген како излез предлага донесување мерки за зголемување на продажбата на автомобили, во кои освен санирањето на финансиската криза, спаѓа и појасната политика во однос на количеството испуштен јаглендиоксид, зашто потрошувачите не се сигурни во давачките за одредени видови возила.






DW.COM