1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Примерното момче“ испровоцира војна

Портрет: Михаил Саакашвили е на чело на Грузија од „розовата револуција“ во 2003-та. За Западот долго време беше „примерно момче“ во спроведувањето реформи. Сега тој ја провоцира ескалацијата на конфликтот.

default

Михаил Саакашвили

Конгрес на „Националното движење“, партијата на Михаил Саакашвили. Младиот претседател на Грузија енергично ита кон говорницата. Тој сака големи инсценации. До него е слепата пејачка Дијана Гурдскаја. Саакашвили сака таа да е до него за време на целиот говор. Силно гестикулирајќи во заносот, претседателот за малку ќе ја удреше в лице. Сцената е симптоматична - Саакашвили е импулсивен, емоционален, заповеднички настроен. За време на претходниот претседател Едуард Шеварднадзе тој беше министер за правда; наскоро тоа не му беше доволно, мораше да се искачи на врвот. На власт дојде за време на таканаречената „розова револуција“. По повеќедневни демонстрации на главно млади Грузијци против тогашниот претседател, тој влета во парламентот со роза в рака и го презема раководењето.


Студии и адвокатура во САД


Подоцна многумина негови сопатници се одвоија од него, најчесто поради лични спорови. Приврзениците, пак, го нарекуваат 40-годишниот претседател нагалено Миша. Новинарите ги кани со посебна наклонетост спонтано во 11 часот навечер на интервју, за потоа во исцрпен говор да им ги опишува успесите за време на неговиот мандат, како во овој пример: „Никој не веруваше дека грузиската полиција може да не биде корумпирана. Порано секој граѓанин мораше да смета на тоа дека полицијата бара мито. Тоа е минато. На тоа му ставивме крај за само два месеца“, рече во една таква пригода Саакашвили. Тој научи англиски јазик во САД, каде кон средината на 90-тите години прво студираше право, а потоа работеше и во една адвокатска канцеларија.


Приоритет на Саакашвили: Грузија во ЕУ и НАТО


Како претседател има две големи цели за својата земја. Првата е интеграција на Грузија во ЕУ и НАТО. „Секој Грузиец вели дека е Европеец. Нема алтернатива. Ако добијам втор мандат, тоа може да се случи уште за време на моето претседателствување“, уверива Саакашвили.

Но, во последно време тој собира негативни поени на Запад поради авторитарниот стил на владеење и поради неправилностите за време на изборите. Западна во критика и откако во ноември минатата година со тепање ги разби протестните демонстрации во Тбилиси и беше затворена една независна телевизиска станица.


Прекршено ветување за реинтеграција на Ј. Осетија и Абхазија без примена на сила


Втората голема цел на амбициозниот претседател отсекогаш беше да ги врати сепаратистичките региони Јужна Осетија и Абхазија. Саакашвили постојано нагласуваше дека во секој случај тоа ќе го стори со мирољубиви средства. Како на пример во 2005-та, кога за германското радио зборуваше за средбата со деца-летувалци од Јужна Осетија: „Ние мораме да се зближуваме чекор по чекор. Овие деца никогаш повеќе нема да бидат наши непријатели. Тие беа толку воодушевени. Откако ги видов овие деца, не би можел веќе никогаш да издадам наредба да се пука врз нив. Оти, секое од нив би можело да страда“.

Саакашвили сега, кога кога ги испрати своите трупи кон Цхинвали, главниот град на Јужна Осетија, го прекрши тоа ветување.

►◄