1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Приказна за една крива линија

Нагоре и надолу и тоа веќе 25 години: Германскиот индекс на акции ДАКС е огледало за развојот на големите германски претпријатија - и еден од најважните берзански барометри во светот. Како почна успешната прказна?

Дури ни пронаоѓачот не веруваше самиот во тоа. Приказната за германскиот водечки берзански индекс започна прилично скромно, без големи очекувања.

„Никој не мислеше дека од тоа ќе излезе голема работа, оти на почетокот ДАКС не беше повеќе отколку еден од дванаесетте индекси. Тој прво мораше да се пробие пред останатите единаесет конкуренти“, се сеќава Франк Мела, тогаш уредник во финансиската редакција на берзанскиот весник.

Се' започна во 1987 година, кога издавачот го замолил да креира индекс. Кратко време потоа Мела презентираше експозе од 30 страници, кое требаше да го промени берзанскиот свет во Германија.

Deutschland Wirtschaft DAX-Erfinder Frank Mella

Франк Мела - пронаоѓачот на ДАКС индексот

„Злите јазици во Лондон тогаш велеа, Германците имале додуша премалку акции на нивните берзи, но затоа повеќе индекси за акции. Постоеше мешаница, која се разреши со ДАКС индексот“, објаснува Мела.

1163 - со тоа започна историјата на германскиот водечки берзански индекс ДАКС. На 1 јули 1988 година германскиот водечки индекс беше пресметан за првпат и беше нотиран на оваа вредност. Ако денес се погледне таблата на ДАКС, тогаш брзо станува јасно. Индексот во последните 25 години во повеќето случаи познаваше само една насока - нагоре. Визионерскиот поглед на неговиот пронаоѓач беше тој, кој на индексот му ја овозоможи оваа брза кариера.

„Постојат две особености. Единствено обележје на ДАКС тогаш беше тоа што беше водечки индекс, кој се пресметуваше секоја минута. Во меѓувреме времето е уште скусено и денес се пресметува секоја секунда. Второто обележје е што ДАКС индексот уште од самиот почеток беше така конструиран, за подоцна да бидат воведени опции за тргување. Тоа беше сосема ново во Франкфурт, тоа никој не го знаеше. Јас идејата тогаш такаречи ја импортирав од САД, од Чикаго“, вели Мела.

Со така наречените опции можеше да се прават финансиски зделки базирани врз шпекулации за идниот развојот на вредноста на ДАКС индексот. ДАКС значи секогаш беше повеќе отколку само обичен индекс.

Börse Frankfurt DAX Stand 05.03.2013

Франкфуртската берза

Вкупно 30 германски претпријатија се нотирани во ДАКС - тие се сметаат за пресек на германското стопанство. Тие редовно се проверуваат, така што речиси секојдневие за ДАКС е некое претпријатие да испадне од листата, но на неа да се искачи некое друго. Листата на критериуми за прием на една акција во ДАКС е долга: Едно претпријатие мора да биде на т.н. Prime Standard листа, која утврдува многу строги правила за транспарентност. Освен тоа седиштето на претпријатието, според правилата мора да биде во Германија и со акциите мора да се тргува во електронскиот систем Xetra. Конечно пазарната капитализација и берзанскиот промет се исто така важни параметри за прием.

Но дали 30 претпријатија навистина може да бидат огледало за развојот на германското стопанство?

„Се сеќавам, еднаш претседателот на Бундесбанката рече, ДАКС не е репрезентативен за германското стопанство. Во тоа и има право. Во пресметките за Брутодомашниот производ се вклучуваат параметри, кои кај ДАКС ги нема, на пример трговијата, занаетчиството, земјоделството, човек-фирмите. Оттука ДАКС не е безусловно репрезентативен за германското стопанство. Тој е репрезентативен за германската берза, оти тој опфаќа околу 60 проценти од капитализацијата и речиси 80 проценти од берзанскиот промет“, вели Мела.

Од секојдневните случувања на берзата Мела се повлече пред десет години. Но ДАКС индексот се' уште го надгледува, на екран дома.