1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Приказната на ел - Масри

Приказната на Калед ел-Масри е дел од аферата со летовите на американската разузнавачка служба ЦИА низ Европа на кои биле превезувани илегални затвореници осомничени за тероризам и сослушувани во затвори во некои држави на источна и југоисточна Европа. Само над Германија, според пишувањето на некои магазини, имало повеќе од 400 летови и меѓуслетувања на овдешни аеродроми.

Базата Рамштајн во Германија

Базата Рамштајн во Германија

Сторијата за ел-Масри беше обелоденета многу порано, но дури со откривањето на интензивниот таен авионски сообраќај на ЦИА над европско небо и исто толку тајните активности на европска почва, мозаикот почна да се составува.

Калед ел-Масри, Либанец со германско државјанство, кој живее во Ној Улм, вака ги опиша настаните: на Нова година 2003-та, по кавга со сопругата, тргнал на одмор во Македонија. На српско-македонската граница вооружени македонски полицајци го симнале од автобусот, му го задржале пасошот и го однеле во хотел во Скопје.

„Тој бил 23 денови тепан и сослушуван од тајната служба“ вели адвокатот Манфред Гњидиќ, повикувајќи се на кажувањата на ел-Масри, тогаш осомничен дека има врски со терористичката мрежа Ал Каеда.

„Во овој случај, значи апсењето на тој човек, иницијативата потекна од американската тајна служба ЦИА. Вие мора да знаете дека ние негуваме извонредна соработка со ЦИА“ – сега нескриено признава некогашниот македонски министер за внатрешни работи Павле Трајанов.

Македонските полицајци потоа го однеле ел-Масри на аеродром, каде го чекал авион без државни ознаки, авион на ЦИА, како што подоцна се покажа. Ел-Масри примил инекција и кога повторно се разбудил, се наоѓал во ќелија во руиниран затвор. Од други затвореници дознал дека се наоѓа во авганистанскиот главен град Кабул. Чуварот перфектно зборувал англиски, Американец – сигурен е ел-Масри

„Тогаш тој ми рече: ти си овде во една земја во која нема закони и за тебе никој не знае каде си. Знаше ли што значи тоа? Му реков: да“ – раскажува тој.

Пет месеци бил држен под најбезмилосни услови; без доволно храна и незаштитен од студот ги минувал деновите во затворот. Постојано бил сослушуван од агентина ЦИА, кои особено се интересирале за неговите врски со еден исламски центар, куќата на мултикултурата во Ној Улм, и специјално за врските со таму активниот соосмничен за терор реда С. Сослушувањата не дале резултат, па ЦИА го вратила во Европа, наводно го информирала тогашниот германски сојузен министер за внатрешни работи за грабнувањето од заблуда. Некаде во Албанија ел-Масри бил ослободен и налетал на полицаец.

„Тогаш нему му раскажав што ми се случи. Тој ми се изнасмеа и ми рече тоа да не го раскажувам никому, оти сите ќе ме исмеваат“ – вели ел-Масри.

Ел-Масри, чие толку долго исчезнување никој не го пријавил, потоа ангажира адвокат. Тој го вклучи Министерството за надворешни работи, подоцна и државното обвинителство Минхен 1. Неговите описи изгледаат веродостојни, констатира обвинителството, но досега преземените чекори не доведоа до никаков резултат. Постапката зависи од САД, кои како и Македонија и Албанија, досега не одговорија на официјалното германско барање за правна помош во овој случај. Барањето е испратено преку сојузната влада, но нема можност за изнудување на таа помош.

Јавноста во Германија сега е окупирана со прашањето знаел ли екс-министерот за внатрешни работи Ото Шили – и дали само тој или и други членови на тогашната влада - многу порано за овој случај, но молчел? Министерството сака да ја реконтруира постапката за наводното информирање на Шили.

„Ние сега прво ќе видиме во самото министерство какви информации добивме и ќе го преземеме потребните мерки и чекори“ – вели порпаролот на министерството Бруно Кал.