1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Приемот на Турција во ЕУ - голема стратешка замисла

Германскиот канцелар Герхард Шредер на крајот од дводневната посета на Турција ја потврди уште еднаш поддршката на владата во Берлин за официјална Анкара во нејзините настојувања да стане членка на ЕУ. Шредер нагласи дека е уверен оти Турција до крајот на годината ќе ги исполни условите за почеток на преговорите за прием. Канцеларот денеска за заврши посетата на Турција со свеченото отворање на новата електрана во градот Искендерун, изградена од германски претпријатија. Со ваквиот став Шредер предизвика нови реакции околу оваа жешка тема.

Експертот на парламентарната група на опозиционата Унија, Фридберт Пфлигер, денеска изјави дека канцеларот и' ветил премногу на Турција. Во секој случај преговори за прием на Турција не можат да се водат уште до крајот на оваа година, нагласи Пфлигер, образложувајќи го ваквиот став со принципот дека почетокот на преговори во принцип значи и прием на Турција во Унијата, кога-тогаш. "Од тоа после нема извлекување", нагласи Пфлигер и додаде:

"Јас имам очигледно подобра слика за Турција и уверен сум дека Турција ќе мора да спроведе реформи токму ако не може да влезе во ЕУ. Ако спроведува реформи само потпирајќи се врз перспективата за влегување во ЕУ, тогаш тие реформи би немале здрава подлога. Освен тоа ЕУ во моментов воопшто не е во состојба да си натовари на вратот толкава голема земја, особено што допрва ни доаѓаат 10 нови членки. Се' уште не е разјаснето ни финансирањето на нивниот прием."

И поранешниот секретар на социјалдемократската партија Петер Глоц го критикуваше ветувањето на Шредер за скорешен почеток на преговори со Турција. Приемот на Турција ниту може да се финансира, ниту пак оди во прилог на натамошното обединување на Европа, нагласи Глоц и оцени дека го смета за подобар предлогот на шефот на ЦДУ, Ангела Меркел за "привилегирано партнерство".

За разлика од нив, евро-комесарот задолжен за проширување Гинтер Ферхојген, го поддржа ставот на Шредер за членство на Турција во Унијата:

"Зад тоа се крие голема стратегија, која и не е само германска, туку на сите шефови на европските држави и влади. Имено, за за политичката и економската безбедност на Европа е од централно значење Турција да стане нејзин цврст и стабилен партнер. Земја со муслиманско населние, која може да демонстрира дека е демократска, дека во неа владеат принципите на правната држава, дека се почитуваат човековите права, може да одигра клучна улога во потенцијалниот конфликт меѓу западните демократии и муслиманскиот свет."

Амнести интеренешенал оцени дека постои видлив напредок во заштитата на човековите права во Турција, особено на планот на законските реформи, додека во праксата сликата не е толку позитивна. "Тешките измачувања, како електро-шоковите, бесењето за нозе и претепување, минатата година не можевме да ги документираме во толкав број, но затоа и понатаму има помало физичко насилство, како и киднапирање граѓани од страна на неуниформирани полицајци" - посочи шефот на германската секција на Амнести интернешенал, Барбара Лохбилер, која со делегација на Амнести неодамна престојуваше во Турција.