1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Приемот на Македонија во НАТО непотребно се одложува

Прием на Македонија во НАТО од Обама бараат Доналд Рамсфелд, Вилијам Коен и Сенди Бергер. Поранешните американски секретари за одбрана и поранешниот советник за национална одбрана. И Словенија со поддршка за Македонија.

Поранешните американски секретари за одбрана Доналд Рамсфелд и Вилијам Коен, како и Сенди Бергер, поранешниот советник за национална безбедност на претседателот Бил Клинтон и на државниот секретар Хилари Клинтон, во писмото до актуелниот американски претседател Барак Обама забележуваат дека Македонија ги исполни сите услови за членство во НАТО и е еден од најголемите поддржувачи на мисијата на НАТО во Авганистан според бројот на жители. Според нив, приемот непотребно се одложува.

„Ве повикуваме да ги вложите сите потребни напори, јавно и приватно, да го поткрепите македонското место во семејството на НАТО и да ги повикате другите сојузници од Алијансата да ја продолжат политиката на отворени врати за нови членки“, забележуваат тројцата поранешни високи американски функционери.

Во обраќањето до Обама, тие потсетуваат дека кога последен пат водачите на НАТО беа собрани на самит во САД, во 1999-та година, издадоа заедничка декларација дека „ниту една европска демократска држава чие членство ги исполнува целите на Северноатлантската повелба нема да биде исклучена од разгледување на нејзиното членство“. Оттогаш, посочуваат тие, НАТО прими девет нови членки, при што последните покани беа испратени во 2008-ма, а доколку оваа година не бидат примени нови членки, тоа ќе значи дека потенцијално ќе поминат шест години без нови покани.

NATO-Gipfel in Chicago 2012

Барак Обама доби писмо од тројцата поранешни високи американски функционери со барање за прием на Македонија во НАТО

Стабилноста на Балканот не е загарантирана

Рамсфелд, Коен и Бергер укажуваат дека новите земји аспирантки за членство од Југоисточна Европа можат да ги обезбедат потребните капацитети и човечки ресурси за Алијансата во време кога членките на НАТО го намалуваат трошењето за одбрана. Тие укажуваат и на безбедносниот аспект од проширувањето.

„Овој регион постојано напредува по конфликтите во 1990-те години, но стабилноста на Балканот не може да се смета за загарантирана. Оттаму, бидејќи оваа година не се очекува на агендата на самитот на НАТО да биде проширувањето, стравуваме дека вратата за проширување нема да биде отворена во Чикаго“, наведуваат Рамсфелд, Коен и Бергер.

Не можеме да си дозволиме, сметаат тројцата поранешни високи американски претставници, да испраќаме збунувачки пораки до оние држави кои се подготвени да станат членки и да се ангажираат. Нагласуваат дека Македонија, која ги исполни сите услови за членство во НАТО, како и Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Грузија, кои исто така се ангажираат за членство во Алијансата, ќе бидат обесхрабрени од продолжувањето со тешките реформски процеси, доколку не се одржи иницијативата во процесот на проширување.

„Вратата на НАТО мора да остане отворена за овие клучни сојузници. Нивните придонеси кон мисиите на НАТО мораат да бидат признаени и на самитот на лидерите на НАТО треба да се посочи на јасен пат за нивно полноправно членство“, укажуваат Рамсфелд, Коен и Бергер. Тие бараат од Обама на Самитот во Чикаго да го преземе лидерството и да се заложи за натамошно проширување на НАТО.

Wahlen Slowenien 2011 Ministerpräsident Janez Jansa Slowenien

Словенечкиот премиер изрази поддршка за прием на Македонија во НАТО

Незавршената работа на НАТО за Македонија

Поддршка за прием на Македонија во НАТО стаса и од Словенија. Премиерот Јанша по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов нагласи дека Словенија апсолутно ја разбира позицијата на Македонија и е свесна за сите аргументи што ги има земјата, поради што и претходно и сега Македонија ужива целосна поддршка. Јанша потврди дека Македонија може да смета на поддршката на Словенија и на овој Самит и дека во рамките на нивните можности ќе се залагаат за правилно вреднување на македонските очекувања и аргументи.

„НАТО има незавршена работа и обврска кон Република Македонија уште од Самитот во Букурешт“, истакана претседателот Иванов на средбата со словенечкиот премиер Јанез Јанша.