1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Привремено решение со долг рок - две децении ПЈРМ во ОН

На денешен ден пред 20 години Македонија стана членка на ОН, но под референцата Поранешна Југословенска Република Македонија. Дали приемот под референцата беше неопходен? Аналитичарите велат да!

Две децении од приемот во ОН под референцата Поранешна југословенска република Македонија, прашањето со името останува клучно што ја кочи евроатлантската агенда на Македонија. Приемот на земјата во Светската организација под привременото име на осми април 1993 ја позиционираше Македонија на светската мапа како рамноправен субјект во услови кога на просторите на поранешна Југославија беснееше војна, владееше трговско ембарго, се заоструваа меѓутничките тензии. Оттогаш земјата изоде трнлив пат на развој проследен со огромни предизвици кој сепак не донесе и решение на прашањето околу името, туку напротив, проблемот стана уште поголем  и прерасна во борба околу македонскиот идентитет, јазик и историја. И покрај критиките, клучните политички актери од тоа време сметаат дека потегот на тогашното политичко раководство бил исправен. Тогашниот прв министер за надворешни работи на Република Македонија Денко Малески, смета дека приемот во ОН со помош на мирољубивата политика со поддршка на ЕУ и САД бил голем успех: 

Mazedonien Denko Maleski Ehemaliger Außenminister

Денко Малески

„Приемот во ОН со помош на таквата мирољубива политика беше нашиот голем успех. Меѓутоа, воинствениот македонски национализам чинот на приемот во светската организација под референцата Поранешна југословенска република Македонија, го прогласи за  пораз, поради проблемот со името, кое беше оспорено од страна на Грција. Така, наместо да го славиме денот кога, во виорот на крвавите етнички војни во Југославија, на мирен начин границите на нашата држава беа зацртани во картата на светот, дваесет години, сето внимание го средоточуваме врз нашето повредено достоинство. Дали можевме да бараме поинакво решение? Чиста победа беше невозможна поради интересите на големите сили визави својот незгоден партнер, Грција. Но, она што не‘ забави во нашите евроатлантски процеси е нашата неспособност да бараме и да изнајдеме компромисно решение. За жал, нашите политичари бргу разбраа дека ова чувствително прашање носи гласови на избори па разговорот меѓу спротиставените политички опции никогаш не стана дијалог на патриоти од двете страни на дебатата, туку секогаш беше дијалог меѓу патриоти и предавници“, изјави за Дојче веле Малески. 

Мудра и далекусежна одлука

Универзитетскиот професор Димитар Мирчев смета дека одлуката била мудра и далекусежна, посебно што се носела во услови на нестабилност кога опстанокот на Македонија бил загрозен и се заговарала нејзина поделба:

„Да напоменам дека во тоа време (февруари 1992 г.) Мицотакис и Милошевиќ веќе имаа план на разговори за поделбата на Македонија според клучот на Букурешкиот договор од 1913 г. Одлуката беше мудра и го обезбеди суверенитетот и интегритетот на државата. Започнаа официјалните признавања, воспоставувањето дипломатски односи со многу држави, започна отворањето кон светот, економската размена, хуманитарната помош, Армијата на РМ ги презеде функциите на одбраната. Политиката на тогашното раководство на земјата имаше меѓутоа два недостатоци: немаше стратегија за долгорочен развој и евентуално одговор на долгорочни блокади заради проблемот со името; и второ, имаше илузии дека проблемот со името ќе се разреши релативно брзо, можеби за неколку месеци. Вистина, се покажа илузија“, коментира Мирчев.

Меѓуетничките односи како пречка

Малески смета дека освен името, и прашањето на меѓуетничките односи ја забавило Македонија на патот кон евроатлантските интеграции:

Dimitar Mircev, Universitätsprofessor und Ex-Diplomat aus Mazedonien

Димитар Мирчев

„Ни требаа цели десет години за да разбереме дека политичкиот систем на државата мора да се редизајнира за да ги заштити правата на бројната албанска заедница од мајоризација на бројчано доминантното население на етничките Македонци. Повторно, со поддршка на ЕУ и на НАТО, државата беше повлечена назад од работ на граѓанска војна во 2001. Предизвиците кои стојат пред нас се истите оние кои ги формулиравме уште 1991 – членство на Македонија во НАТО и во Европската унија. Американско-европскиот мировен план наречен Европска унија, кој почна во Германија и во Франција по завршувањето на Втората светска војна, мора да се прошири на целиот Балкан. Само во таква зона на мир, соработка и прогрес, можам да ја замислам иднината на Македонија“, смета Малески. 

Во услови на системска стабилност, посебно во делот на економијата, Мирчев очекува Македонија да ја стабилизира надворешната, внатрешна, социјална и меѓуетничка позиција и политика:

„Останува неразрешениот спор за името на државата. Наспроти резолуциите на ОН дека се работи само за ’надминување на разликите за името на државата’, во текот на разговорите произлезе дека се работи и за националниот идентитет, јазикот, културата и историјата на земјата. Нема никакво расположение во земјата, за тие прашања да се прават компромиси. Па сепак, има изгледи, со некое ’интелигентно решение’ и предлог на медијаторот, Метју Нимиц, тоа прашање да се разреши. Се надевам брзо“, смета Мирчев.

Македонија веќе 20 години е членка на ОН под привремената референца и покрај фактот што 133 земји ја имаат признато под нејзиното уставно име. Во моментов земјата има статус на кандидат за членство во ЕУ и очекува датум за старт на преговорите со Брисел.

DW.COM