1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

“Привидно донаторство"

Коментар на Петер Филип

Утре во Џакарта започнува меѓународна донаторска конференција за помош на земјите зафатени од природната катастрофа во Јужна Азија. Искуствата од минатото покажуваат дека на таквите конференции на крајот на хартија се запишани големи суми, но од нив вистина доаѓаат само дел.

Катастрофи, војни и други несреќи во светот постојано се во фокусот, подеднакво како и апелите да им се помогне на преживеаните. Ваквата помош се организира на повеќе колосеци: преку касите на хуманитарните организации кои пак зависат од готовноста за донирање на јавноста, или преку владините буџети. Додека хуманитарните организации главно долгорочно се активни во кризните подрачја и преземаат специјални задачи, од владите во војни или вакви кататстрофи се бара да дадат прилог. Како сега во поплавата во Јужна Азија во форма на итна помош и потоа за долгорочна помош во обновата. Бидејќи ваквите задачи ги надминуваат можностите на само една држава, помошта се координира на меѓународно ниво. А, на меѓународните донаторски конференции се собираат ветувањата: секоја од владите учеснички соопштува во каков обем е подготвена да учествува во меѓународната помош. И како што редовно се случува, доаѓа до еден вид конкурентска битка која најчесто нема врска со стварноста. Во овој случај оваа битка започна уште порано – на пример со спорењето меѓу Париз и Вашингтон – кој ќе даде повеќе. На крајот останува непрегледноста кој вистина и колку пари дал или ќе даде. Учесниците на донаторските конференции се во можност постојано да го следат ваквото натпреварување. А, и не се малку таквите конференции: средбите во Мадрид и Токио на донаторската конференција за Ирак; потоа во Бон, Дубаи, Токио и Берлин за Авганистан; па средбите на тема Грузија, Либан, Хаити или Гренада. Постојано конференции со впечатливи ветувања, но ако се погледа одблиску некои нешта наликуваат на фата моргана. Меѓу другото и затоа што ваквите ветувања од една до друга конференција се подзабораваат. А, и затоа што, како што покажува примерот на Авганистан, не сите донаторски чекови се ослободени. Истото важи и за Ирак: САД во Мадрид собраа ветувања од 33 милијарди долари од кои досега се дадени само околу 7, а од ветените 20 милијарди од Вашингтон само 3 ипол. Оттаму може да биде добра идејата на германскиот канцелар помошта за Јужна Азија да се развие во партнерство меѓу донаторите и примачите на државно, регионално или комунално ниво. На тој начин би се спречиле наддавањата на донаторските конференции и би биле многу поефикасни. Сигурно е добра идејата уште сега на владино ниво да се реши, официјалната помош значително да се зголеми. Се разбира, таквата помош би била среднорочно и долгорочно планирана, а истовремено би обезбедила и повеќе транспаретност кога и од кого ќе дојдат парите и за која цел ќе бидат употребени. Ако тоа успее овојпат, тоа би било почеток на нов начин за давање помош во вакви случаи.

Петер Филип