1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Приватните долгови ја притискаат еврозоната

Еврозоната веќе три години се бори против должничката криза. Притоа дојде до израз дека не само државите, туку и многу приватни домаќинства живеeле над своите можности.

Ирене Гонзалес живее во Мадрид. Таа пред 12 години, како и милиони нејзини сонародници пред и по неа, купила прескап стан со многу малку сопствен капитал. Но каматите биле многу поволни, а и државата со даночни олеснувања поттикнувала купување недвижности. Во меѓувреме, вредноста на нејзиниот трисобен стан е рапидно намалена, а Ирене заработува многу помалку од порано.

Во моментот кога долговите ќе станат повисоки од примањата, се влегува во банкрот. Ирене е одамна банкрот. Каматите и основниот долг се толку високи, што веќе не може да ги плаќа. Ако го продаде станот, за него ќе добие пари со кои нема да може да си го покрие долгот. Соочена е со принудно иселување. „Мојот осумгодишен син е загрижен за своите играчки. Прашува - што ќе се случи со моите играчки? Многу е исплашен и поради тоа се разболе“, вели Ирене за ДВ.

Повеќе приватни отколку државни долгови

Spanien Eurokrise Schulden Schuldenkrise

Шпанија има долг од 2,5 илјади милијарди евра, од што 70% се приватни долгови

Таа дели иста судбина со стотици илјади шпански домаќинства. Земјата во моментов има долг во висина од 2,5 илјади милијарди евра. Над 70% од тоа се приватни долгови. Шпанија не е единствен случај. Ако државното задолжување во еврозоната изнесува околу 90% од вкупното економско постигнување, приватните долгови се најмалку три пати повисоки од брутодомашниот производ на евро-државите.

Ваквите бројки, меѓутоа, треба да се посматраат претпазливо, нагласува Клемент Фуест, претседател на Центарот за Европски економски истражувања (ЗЕВ): „Мора да се земе предвид и дека приватниот сектор си должи пари меѓусебно, што значи дека долговите на едниот се побарувања на другиот.“

Долговите на приватните домаќинства стануваат банкарски долгови

Ирене Гонзалес позајмила пари од банка. Значи нејзините долгови се побарувања на банката. Но со оглед на тоа што Ирене станува платежно неспособна, банката не може да ги подмири своите побарувања и во даден момент од нив мора да се откаже. Ако многумина не се во состојба да си ги отплатат кредитите, тогаш банката има проблем.

Целиот банкарски сектор стенка под товарот на пукнатиот меур со недвижности. Шпанија од Фондот за спас ЕСМ минатата година доби 40 милијарди евра за санација на банките. Со тоа државата презеде гаранции за парите. Со други зборови - ако банките се покажат како буре без дно, на Шпанија и‘ се заканува судбина како на Ирска. Таа земја, имено, мораше да употреби 70 милијарди за спас на банките и со тоа и самата мораше да побара засолниште под чадорот за спас.

Банкарските долгови стануваат државни

Тоа значи дека границата меѓу приватното и државното задолжување не е цврста. За двата вида долг важи дека не се лоши сами по себе. „Без задолжување, претпријатијата не би можеле да инвестираат. Тоа значи дека долговите и кредитите се всушност основа на нашата благосостојба“, нагласува Фуест. Проблематично станува кога долговите веќе не се во корелација со приходите и ефективноста на луѓето, потенцира Хано Бек, професор по економија на Високата школа Пфорцхајм.

Symbolbild Euro-Rettungsschirm

Ако банките се покажат како буре без дно, барањето излез со сокривање под чадорот за спас е неизбежно

Во дел од земјите на еврозоната недвосмислено станува збор за таков случај. Притоа, придонес за ваквиот развој има и еврото, кое го промени погледот на инвеститорите врз овие земји, вели Фуест: „Ризикот од девалвација го немаше, па поголема беше подготвеноста за инвестиции во тие земји. Каматите паднаа и луѓето реагираа на тој пад со тоа што се задолжуваа повеќе.“

Со оглед на тоа што секој пакет за спас води до тоа приватните долгови да станат државни, државите порано или подоцна ќе посегнат по своето омилено средство против долгови - инфлација. Таа за Хано Бек е вид на данок кој е многу нефер, зашто ги погаѓа „пред се‘ граѓаните кои имаат ниски примања.“ За да се вратат долговите, политичарите, според негово мислење, треба да ги зголемат даноците: „Тоа би било најискреното, најотвореното решение и токму затоа - решение кое политичарите најмалку го сакаат“, вели Бек, проценувајќи дека монетарната унија нема да може да избегне нови простувања на дел од долговите.