1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Приватната сопственост во Кина изаедначена со државната

Кинескиот национален народен конгрес го одобри првиот закон со кој во социјалистичка Кина се штити приватната сопственост

Кинескиот национален народен конгрес

Кинескиот национален народен конгрес

Секоја година на крајот на заседанието на Конгресот се повторува истиот ритуал: прво свири музика, а потоа од околу 3 илјади делегати се бара да гласаат: “Молиме, сега притиснете на копчето за електронско гласање”, одекнува од звучниците. И, како и обично, усвоени се сите планови на владата. Во комунистичката историја на Кина досега никогаш не се случи да бидат одбиени плановите што претходно ги донесе владата. Со големо мнозинство беше усвоен и првиот закон со кој во Кина се штити приватната сопственост и таа се изедначува со државната. Законот беше според цели пет години, оти критичарите во тоа гледаа свртување од комунизмот.

По гласањето премиерот Вен Џијабао ја одржа и традиционалната прес-конференција. Сите прашања се претходно договорени, ништо не му е препуштено на случајот. Премиерот нагласи дека главна цел на владата и натаму мора да биде фаќање социјалната праведност и справување со огромните разлики меѓу градот и селото. “Мораме да обезбедиме луѓето да имаат исти предуслови, мораме да воведеме политика на рамноправност во образованието, мораме чекор по чекор да ги намалуваме разликите во примањата и мораме во земјата да востановиме систем на осигурување што ќе ги опфати сите луѓе” – рече тој.

Од 800 милиони селани во Кина, 200 милиони и натаму мораат да преживеат со помалку од еден долар дневно. Минимален број од нив имаат некакво осигурување. Општеството го нагризува корупција. Кинеското население се’ почесто се бунтува против нееднаквата распределба, но и поради корупцијата и се’ поголемите еколошки штети, со кои Кина сака да се фати во костец: таа си постави за цел до 2020-та година потрошувачката на енергија да ја намали за 20 насто, за да ја штити природната околина. Целта е амбициозна со оглед на фактот дека Кина, поради својот енормен стопански пораст, изградбата на градовите и индустријализацијата, има потреба од се’ повеќе енергија.

“Според Протоколот од Кјото Кина како земја во развој не мора да исполни никакви обврски. И покрај тоа, кинеската влада се однесува многу одговорно спрема целиот свет. Таа ги исполнува своите меѓународни обврски” – нагласи премиерот Вен Џијабао. Но, Кина со години упорно се противи на поставување граници кај емисиите на штетни материи под образложение дека тоа би го забавило стопанскиот пораст. Тоа покажува дека во Кина и натаму е поважна обновата на земјата, отколку заштитата на природата.