1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

Приватизацијата скапо ја чинеше Македонија

Ристо Гуштеров беше кадар на „Технометал Вардар“, по што стана успешен бизнисмен и се смета за еден од најзаслужните за инвестицијата на „Џонсон контролс“ во „Бунарџик“. Како ја оценува приватизацијата во Македонија?

default

Ристо Гуштеров

Како се формираше важната бизнис лоби-група, која од „Технометал-Вардар“ го научи занаетот, ја промовираше Македонија и Вие влеговте во светскиот бизнис?

Гуштеров: Тоа беше една школа технометалска од осумдесетите години, бизнисмени, кои стекнале исклучително добри контакти, бидејќи во Македонија уште не беа созреани условите за влегување во приватни бизниси. Моја одлука, како и на другите луѓе кои подоцна ги повлеков по себе, беше да останат надвор и постигнаа завиден успех, почнувајќи од мене, до Минчо Јорданов, Томе Кецман, Томе Божиновски, подоцна Трифун Костовски итн.

Југословенскиот модел на планско стопанство сепак практикуваше одреден степен на респектирање на пазарните услови, и тоа овозможи релативно помирен пренос на пазарната и либералната филозофија на почетокот од трансформацијата на општественото и политичкото уредување.

Гуштеров: Апсолутно, посебно допринесе до тој степен една планска економија да ги направи првите чекори во една либерална економија, особено со доаѓањето на Анте Марковиќ како последен премиер на нашата поранешна Југославија. Тоа беше основата и во развојот, односно во почетокот на транзицијата на нашите поранешни југословенски простори, меѓутоа не се искористија сите поволности, кои се отворија на тој план. Либералната економија, либералниот пристап беше употребен во погрешен правец. Наместо да се одеше во приватизација прво со консолидација на социјалистичките претпријатија, и потоа да се оди на платена приватизација, која ќе беше далеку поуспешна и далеку поприфатлива и рационална за развојот на државата, во нашиот случај за Македонија.

Зошто Македонија почна со продажба на најкурентните фирми во земјата, наспроти продажбата на таканаречените загубари?

Mazedonien Land und Leute Energieversorgung

Гуштеров: Приватизацијата е направена накарадно (н.з. лошо), така што државата и сите кои учествуваа во изградбата на Македонија, на поранешна Југославија, не видоа ништо од таа приватизација. Политичка одлука беше да се продаде, односно да се даде на одредени успешни директори од тоа време да ја завршат таа менаџерска приватизација, практично без плаќање на реални пари. Јас во еден разговор, тет-а-тет, во 1994 година му сугерирав на претседателот Глигоров дека не треба да се оди во приватизација на тој начин, дека не треба да се прават тие кардинални грешки кон кои Македонија веќе беше тргната, барав енергетскиот сектор, банкарството и телекомуникациите да одат прво во консолидација, а потоа и да бидат понудени на светскиот пазар и дома.

Можете ли сега, по повеќе години да кажете што беше кавгата меѓу Гуштеров и Црвенковски околу скопска „Железарница“?

Гуштеров: Немаше буквално никаква кавга. Мое размислување е дека решение не беше на Црвенковски, туку на претседателот Глигоров ладната валалница да му биде продадена на прекрасното синче на Томиќ, тогашниот претседател на српското собрание. Ние не успеавме во тоа време, но ми беше особено драго што јас ја подигнав цената на продажба, иако било решено да се продаде за мизерни 7 милиони германски марки, а јас ја подигнав цената на 35,7 милиони германски марки. Штетата за Македонија е што јас бев во договор со најголемата грчка компанија, Ангелопулус групата.

Mazedonien Land und Leute

Бунарџик

Дали тоа беше страв од таканареченото почетно пенетрирање на грчкиот капитал, или оддолжување кон српските патрони на македонската економија во тоа време?

Гуштеров: Повеќе личеше на оддoлжување кон српските патрони од тоа време отколку на опасноста од пенетрирање на грчкиот капитал, можеби скриен страв дека еден Македонец во дил со една голема грчка компанија ќе дојде тука и можеби ќе зајакне политички па ќе ни ги мрси сметките, претпоставувам дека беше тоа. Инаку со Црвенковски јас никогаш не сум имал никаква кавга, веројатно тој како млад политичар, млад претседател на партија и премиер добивал инструкции од одредено место да се однесува така како што се однесуваше.

Значи ли тоа дека моделот на приватизација е модел на Глигоров кој во тоа време имаше и директно политичко влијание врз Црвенковски?

Гуштеров: Апсолутно да, мислам Црвенковски беше едно неопитно момче.

Дали Глигоров стравуваше од Гуштеров како претседателски ривал?

Гуштеров: Не, од мене не можел да стравува, бидејќи јас немав политичи амбиции. Ми се чини дека повеќе стравуваше од Васил Тупурковски.

Господине Гуштеров, 20 години трае македонската транзиција, каде ги детектирате освен во приватизацијата нејзините слабости во макроекономската политика, во надворешната политика, во моделот на експонирање на македонската економија, напуштање на југословенските пазари, свртување кон Европа?

Гуштеров: Неуспехот јас повеќе го гледам во политичкиот дефитизам кој го доживеа Македонија во последните 20 години, а политички дефитизам ние доживеавме со етаблирање на неискусни, млади, до крај необразовани политички кадри, кои ја водеа државата не во насока во која требаше да биде водена.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска