1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Претседателски избори во Индонезија

По втор пат од соборувањето на диктаторот Сухарто во 1989 година, народот на Индонезија има можност директно да го одбере новиот претседател на државата. На денешните избори на располагање стојат тројца кандидати.

default

Тројцата кандидати на телевизиски настап

Покрај актуелниот претседател Сусило Бамбанг Јудхојоно, на изборното ливче се наоѓаат уште имињата на претходната претседателка Мегавати Сукарнопутри и заменик-претседателот Јусуф Кала. Фаворитот, 59-годишниот Јудхојоно, во предизборната кампања постојано ги истакнуваше економските успеси на земјата во неговото петгодишно владеење. Тој ветува дека така ќе продолжи и во вториот мандат. „Приоритети на нашата влада се: прво, стопанството мора побрзо да расте, во наредните години мораме да стигнеме до стапката од 7%. Второ, мораме да продолжиме со борбата против сиромаштијата и тоа со засилена поддршка за земјоделството и развојот на селските средини, како и преку натамошни социјални програми за населението.“

И покрај светската економска криза, стопанството на Индонезија годинава ќе забележи пораст меѓу 3 и 4%. Во споредба со шесте проценти од минатата година, тоа е сериозно опаѓање.

Indonesien Präsident Susilo Bambang Yudhoyono

Фаворитот: Сусило Бамбанг Јудхојоно

Но, претседателот Јудхојоно сепак успева да го смири населението, така што неговата Демократска партија на парламентарните избори во април освои дури три пати повеќе гласови во однос на претходните и стана најсилна во новиот состав на парламентот.

Високиот углед на актуелниот претседател на државата е последица и на консеквентната борба против корупцијата. Поголем број високи државни службеници беа уапсени и изведени пред суд во текот на минатите пет години. Дури и кога беше уапсен таткото на сопругата на неговиот син под обвинение за корупција, Јудхојоно не интервенираше, туку нагласи дека правосудните органи мораат независно да си ја вршат работата.

Има и жена кандидат

Вториот кандидат, поранешната претседателка на државата Мегавати Сукарнопутри, е ќерка на основачот на Републиката Ахмед Сукарно. Тој и ден денес ужива голем углед поради борбата против колонијализмот. Но, по големата победа во 1999 година, на Мегавати и нејзината „Демократска партија на борбата“ постојано им опаѓа популарноста. Таа беше претседател од 2001 до 2004 година и загуби на првите директни избори од Јудхојоно. Шеесетидвегодишната Сукарнопутри затоа сега се обиде во предизборната кампања да поентира со патриотски тонови и национализам, како и со повикување на заслугите на нејзиниот татко Сукарно.

Wahlen in Indonesien Plakat von Megawati Sukarnoputri

На плакатот е кандидатката Мегавати Сукарнопутри

„Индонезија во иднина мора да стане голема нација, тоа беше високата цел на основањето на нашата република. Многумина млади забораваат дека денес живееме во слобода затоа што порано имало борци за слобода, кои ја ослободија оваа република.“

Третиот е искусен бизнисмен

Третиот кандидат е Јусуф Кала, претседател на Голкар-партијата. Тој е успешен бизнисмен и познат по способноста брзо да донесува одлуки. Има 67 години и како потпретседател често критикуваше министерства и други државни органи кои работат премногу бавно.

Wahlen in Indonesien

Кој ќе освои најмногу гласови: митинг во главниот град Џакарта

Јусуф Кала всушност сакаше повторно да се кандидра за заменик-претседател на Јудхојоно, но големи делови од раководството на неговата Голкар-партија не сакаа да се задоволат со втората позиција во државата и побараа тој да поднесе самостојна кандидатура. Со оглед на честите критики дека Јудхојоно е премногу колеблив при донесувањето важни решенија, кампањата на Кала се одвиваше под мотото: „Побрзо и подобро“. „Јудхојоно ја презеде одговорноста од Мегавати. Ако јас го добијам мандатот и одговорноста од него, тогаш сите проблеми што ги спомнав ќе ги решам побрзо и подобро“, нагласуваше Кала во ТВ настапите.

Но, анкетите на јавното мнение укажуваат на втор мандат за сегашниот претседател на државата. Прашање е само дали тој уште во првиот круг ќе го освои потребното просто мнозинство, значи 50% од гласовите, или ќе има втор круг на изборите во септември.

Автор: Хендра Пасухук / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска