1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Претседателот не разбира шеги

По испитувањето, египетскиот водечки телевизиски водител и сатиричар Басем Јусуф е ослободен со кауција. Тој е обвинет за навреда на исламот и на претседателот Мохамед Мурси. Опозицијата протестираше поради тоа.

Басем Јусуф, кој е водител на сатиричната телевизиска емисија „Ал-Бернамег" во која ги исмејува египетските политичари, не штедејќи го ниту претседателот на државата, ниту влијателното владејачко Муслиманско братство кое стои зад Мурси, се предаде во саботата откако главниот египетски обвинител издаде налог за негово апсење, а беше ослободен следниот ден со кауција од 15 илјади египетски фунти (околу две илјади американски долари).

Јусуф се прослави со онлајн емисијата по востанието во 2011 година со кое беше соборен претседател Хосни Мубарак, која денес се емитува на египетската телевизија. Тој, покрај другото, беше обвинет дека во неговата телевизиска емисија го навредил исламот „исмејувајќи го обредот на молитвата", но и претседателот Мохамед Мурси, чиј лик го „исмеал во странство" и со тоа го поткопувал неговиот углед, а налогот за апсење бил поднесен врз основа на четири тужби од страна на следбеници на претседателот. Јусуф во емисијата носел голема шапка каква што носел Мурси кога на почетокот од март ја прими во Пакистан почесната титула, а со истата шапка на главата дошол и во канцеларијата на државниот обвинител.

Опозицијата стравува од задушување на слободата на израсувањето во постмубараковиот Египет и многу нејзини приврзаници протестираа пред обвинителството.

„Станува збор за се‘ посилно стеснување на просторот за критичко изразување“, изјави Хеба Мораџеф од Хјуман рајтс воч, а поранешниот прв човек на Меѓународната агенција за атомска енергија, сега лидер на египетската либерална опозиција, Мохамед ЕлБарадеи изјави дека така постапуваат само „фашистичките режими“.