1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Претседателот на Јужен Судан го распушти целиот владин кабинет

Две години по прогласувањето независност на Јужен Судан, претседателот на државата, Салва Кир, соочен со претстојните економски проблеми, одлучи да го искористи своето уставно право за реконструкција на владата.

Претседателот на Јужен Судан, Салва Кир ја распушти Владата, го разреши заменик-претседателот и го повлече неговиот главен преговарач во разговорите за намалување на тензиите со Судан. Претседателот донесе указ со кој ги спроведе овие мерки, јави јужносуданската државна телевизија во главниот град Јуба, која прецизираше дека министерствата ќе бидат раководени од замениците-министри.

Оваа одлука следеше откако Јужен Судан претходно соопшти дека целосно ќе ја прекине работата на нафтената индустрија следната недела, пред истекувањето на крајниот рок, кој Судан го постави, наредувајќи им на компаниите на своја територија да не ја примаат јужносуданска нафта.

Јужносуданскиот министер за нафта Стивен Де Дау изјави вчера дека неговата земја го стопира производството на нафта пред август, кога истекуваше крајниот рок поставен од Картум, со цел да се избегнат штетите за јужносуданската нафтена индустрија поради нејзиното стопирање. Тој додаде дека работата на нафтениот сектор на Јужен Судан целосно ќе запре до 31 јули.

Ова ќе биде втор голем прекин на работата на секторот по мирното одделување на Судан и Јужен Судан во 2011 година.

Јужен Судан речиси сите буџетски средства ги добива од нафтата, но јужносуданското црно злато до пазарот може да стигне само преку суданските нафтоводи. Картум ја обвинува Јуба дека ги поддржува бунтовничките групи кои сакаат да ја соборат суданската влада.