1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Претседателот на Бајерн Минхен затајувал данок

Даночната афера за претседателот на фудбалскиот клуб Бајерн Минхен предизвикува политички дебати пред парламентарните избори во Германија и во Баварија на покраинско ниво. Ули Хенес не размислува да се повлече.

Аферата Ули Хенес, претседателот на фудбалскиот клуб Бајерн Минхен, и затајувањето на данок ја разбранува германската јавност и политичката сцена. Партиите на опозицијата се гледаат потврдени поради тоа што во Бундесратот го стопираа планираниот договор за даноци со Швајцарија. „Се покажува, што ЦДУ/ ЦСУ сакаа да постигнат со договорот за даноци со Швајцарија, имено така да се каже да ги заштити даночните измамници“, изјави претседателот на СПД Зигмар Габриел за Втората програма на германската телевизија. Јирген Тритин, предводник на Зелените на претстојните парламентарни избори наесен зборуваше дури и за „договор за перење пари“.

Договорот пропадна во декември 2012 година откако го блокираа покраините предводени од социјалдемократите и зелените во Бундесратот. Тој предвидуваше затаените пари на германските вложувачи во Швајцарија ретроактивно за десет години да се оданочат со стапка од 21 до 41 процент. Даночните затајувачи притоа би имале можност да останат анонимни и неказнети. Социјалдемократите и Партијата на Зелените го стопираа овој планиран договор, образложувајќи дека на тој начин се легализира даночна измама.

Хенес самиот се пријави

Ули Хенес во јануари годинава до државното обвинителство во Минхен поднесе лична пријава поради затајување данок и тоа го образложи со пропаѓањето на договорот за даноци со Швајцарија. За магазинот „Фокус“ менаџерот изјави дека имал намера случајот да го регулира преку договорот, кој „како што е познато... не се реализира“. Државното обвинителство започна истражна постапка против Хенес. Се проверува делотворноста и целосноста на само-пријавата, соопшти државниот обвинител Кен Хајденрајх. Поднесување на лична пријава на даночните затајувачи им овозможува помала казна или ослободување од казни, доколку пред даночните власти бидат обелодени скриените даночни извори.

Колку пари Ули Хенес „складирал“ во Швајцарија засега германската јавност само шпекулира. Минихенскиот булвераски весник „АЦ“ известува за „повеќе стотици милиони евра“. Според истражувањата на весникот „Зиддојче цајтунг“ Ули Хенес повеќе од десет години депонирал оданочени пари во милионски износи во една банка со седиште во Цирих. Но, според венсникот тој кај германските даночни власти го избегнал данокот на капитална вредност.

Ули Хенес останува на кормилото на Бајерн

Претседателот на Бајерн Минхен Хенес за „Шпорт Билд Плус“ изјави: „На оставка како претседател на надзорниот одбор на Бајерн Минхен не размислувам“. Со оглед на тоа дека шефот на Гремиумот на акционерското друштво постојано е и претседател на клубот, оваа изјава важи за двете функции. Хенес исто така најави дека ќе присуствува на полуфиналниот меч во Лигата на шампионите меѓу Бајерн Минхен и Барселона, утре (23.04.) во Минхен. „Против Барселона повторно ќе бидам на стадион“, рече Хенес.

Откако се повлече од менаџерската функција и беше избран за претседател на Бајерн во 2009 година Хенес го засили својот ангажман на политичко и социјално ниво. Шефот на Бајерн, како „дополнителна работа“ поседува и фабрика за колбаси, и е познат по неговите дарежливи донации за хунанитарни и социјални цели. Во телевизиски дебатни емисии се произнесуваше и по даночните прашања и беше против данок за богатите.