1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Претседавач“ ја ескалира политичката ситуација!?

Македонија е пред нова политичка криза по најавите на СДСМ дека ќе ја замрзне работата во работната група за настаните од 24 декември поради апсењата во случајот„Претседавач“. Аналитичарите се поделени во оценките.

Политичката импликација на целиот случај и начинот на кој реагираат социјалдемократите, според дел од аналитичарите, е лош сигнал што не придонесува за нормализирање на односите помеѓу политичките партии. Претседателот на институтот за демократија Владимир Мисев во изјава за Дојче веле коментира дека потегот на СДСМ ќе има внатрешни импликации, но не очекува тоа да се одрази и на претстојниот извештај за напредокот на земјата од Брисел:

„Одлуката нема да има влијание на извештајот кој што го очекуваме од Европската комисија, бидејќи мислам дека текстот на извештајот во голема мера е готов и финалните корекции на извештајот би биле на ниво на нијанси. Како граѓанин би сакал да слушнам од СДСМ, и покрај тоа што г-динот Шиповиќ е носител на политичка функција и член на опозициска партија, која е поврзаноста или мотивираноста на власта за таквото политичко апсење. Констатациите дека во општина Центар односите помеѓу власта и опозицијата се најрадикализирани и според најавите на опозицијата постои можност за откривање на криминал поврзан со проектот Скопје 2014, со што со апсењето се прави политички притисок, се‘уште се на ниво на претпоставки за кои барем јас немам слушнато или видено докази со што би се убедил дека ваквото апсење е политички мотивирано. Иако не мислам дека ќе има влијание конкретно на извештајот од Брисел, изјавата за замрзнување на работата во работната група, ваквата ситуација, ќе се одрази на атмосферата пред донесувањето на буџетот за следната година, а и ќе се рефлектира во изборната кампања пред претседателските, а по сите показатели и предвремените парламентарни избори“, коментира Мисев.

Тоа што во моментов се случува на политичката сцена, според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, е кулминација на се‘ она што се случува веќе подолг период во Македонија. Последниот потег на СДСМ според него не е за оправдување, но е своевидна провокација од односот на власта:

„Не е оправдано тоа што го прават ни едните ни другите. Кога ќе дојдеш до толку далеку, не можеш да кажеш дали е оправдано или не. Што да прави СДСМ, еве, ќе ги уапсат половина од советниците. Што да прави! Мислам, не е праведно да го прави тоа само по себе, зашто луѓето сметаат дека таа е сериозна политичка партија и треба да стои зад тоа што е договорено. Ама не треба ни ВМРО ДПМНЕ да го прави тоа што го прави. Целата македонска политика сцена е влезена во една хистерична фаза. Реакцијата нема врска со политичките потези што се случуваат, ниту од едната ниту од другата страна. Ова нема никаква врска со политичката реалност, ниту начинот на кој се однесува ВМРО ДПМНЕ, ниту пак причините кои ги кажува СДСМ за работата на комисијата за 24. декември. Единствено што е сигурно е дека политичката ситуација ескалира. Тоа води кон се‘ полоша политичка култура прво, а потоа и не знаеме до каде сето тоа ќе заврши. Тоа што со мака го постигнаа околу настаните од 24 декември, сега под притисок на политичката тензија ќе пропадне. Таа ескалација на крај ќе заврши со тоа што луѓето ќе влезат во една масовна апатија, дека ништо не може да се смени и никогаш не можеме да живееме во нормална држава. Ќе почнат да ги сметаат и двете партии за неспособни, тоа на опозицијата веќе и‘ се случува, а полека и на власта и‘ паѓа рејтингот. Тоа ќе направи да имаме политички неангажиран електорат, а во таков случај власта и партиите прават што сака“, смета Арсовски.

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски пак смета дека СДСМ испраќа многу лоша порака за случај на стопански криминал. Во потегот тој препознава и обид за алиби за евентуално неучество на предвремени парламентарни избори:

„Опозицијата ја условува работата во Комисијата без валидна причина. Апсењата, без разлика какви се, се надвор од ингеренциите на законодавната и извршната власт. Точно е дека има пресумпција на невиност, но не можеме да делуваме во насока-тој е член на опозиционата партија или висок раководител, во случајов во општина Центар, и поради тоа е автоматски невин. Ако е така, тогаш сите што се членови на ниво на власта и опозицијата треба да ги сметаме за недопирливи и дека имаат имунитет од кривично гонење. Претходно имаше акција ’Шпион’, во која беа притворени поранешни или сегашни членови на ВМРО ДПМНЕ. Зошто тогаш СДСМ не реагираше? Многу е лоша пораката што се испраќа. Сигурно власта, судството, полицијата нема да си дозволат вакви случаи на апсења ако нема основано сомнение. Ако било политички, тогаш што и‘ пречело на власта досега да ги уапси сите од опозицијата? Многу лоша порака, особено што е чист случај на стопански криминал. Мислам дека во случајов опозицијата бара некаков изговор да се нарушат одредени демократски процеси и она што се дополнува во целосната слика што ја знаеме од порано, со некои потези да се спречи каква било можност за некакви предвремени избори, што се сосема можни заедно со претседателските. Свесно прават политичка блокада, што се потврди и со ажурирањето на избирачкиот список, бараат алиби за неучество на избори што е сосема погрешна стратегија“, коментира Божиновски.

Лидерот на опозициската партија Зоран Заев предупреди дека Социјалдемократите ќе го замрзнат учеството во работата доколку продолжат апсењата во случајот. За утре тој најави состанок на сите органи на партијата кога, како што рече, ќе бидат утврдени идните активности околу овој случај.

„Едно е сигурно, веднаш ќе ја замрзнеме работата, односно нашето учество во работата на работната група во парламентот, оти дефинитивно нема смисла. Таа работна група има за цел да ги спроведе препораките од извештајот за 24 декември за да не се повторат вакви работи. Денеска повторно власта продуцира вакви работи. Секако, ќе разгледаме уште многу демократски мерки кои што ни стојат на нас како опозиција за имплементирање. Наша задача е да застанеме на пат на пуштањето на сила и страв од страна на власта кон сите граѓани во ова општество“, смета Заев.

Инаку, во случајот „Претседавач“ 12 лица заработија кривични пријави под обвинение за сторен криминал тежок еден милион евра во АД Машинопромет. Осуммина заработија и мерка притвор, меѓу нив и Мирослав Шиповиќ, кој е на пат во Америка.