1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Претприемничкиот дух во ќорсокак

Истражувањата и експерстките согледувања во Македонија покажуваат дека кај младите нема претприемачки дух и интерес за водење бизнис. Институционална поддршка за тоа во еден дел постои но бројни се и пречките.

default

„Не чекајте да ве вработи државата, направете своја бизнис-приказна“, во последно време државните раководители и институции во Македонија им упатуваат се повеќе вакви пораки на младите, убедувајќи ги дека има поддршка, добра деловна клима и соодветна законска регулатива.

Но, истражувањата и експертските согледувања покажуваат дека кај младите нема претприемачки дух ниту интерес за запливување во водите на претприемништвото и бизнисот во земјата.

Неодамнешната „Недела на претприемништвото во Македонија“ ги актуелизираше повторно прашањата на бизнисот и младите, на тоа колкав е бројот на претприемнички иницијативи, кои годишно се ефектуираат во вид на новоосновани микро, мали и средни претпријатија.

Дејан Пендев, професор по претприемништво во Економскиот институт на Државниот универзитет во Скопје, одговара:

„На годишно ниво тој број се движи околу 4 – 6 илјади новоформирани претпријатија. Меѓу нив се најбројни микро и малите фирми.“

Марија Зарезанкова – Потевска, професорка за истата проблематика на ФОН Универзитетот во Скопје, се надоврзува:

„Бројот на мали и средни претпријатија се зголемува постојано. Повеќе од 98 отсто од претпријатијата во земјата се токму такви. Повеќе од 70 отсто од вработените се ангажирани во овие фирми. Многу е мал бројот на големите претријатија со повеќе од 200 вработени.“

Бирократизираната и преобемна администрација го задушува претприемништвото

Во земјата постојат агенција за развој на претприемништвото, агенција за мали и средни претпријатија, донесени се развојни стратегии, економски закони, но, колку тоа влијае врз праксата, што се случува реално во неа, со какви проблеми се судираат претприемачите?

Tetovo,eine Stadt in Mazedonien,Panorama

Тетовските претприемачи велат дека лесно се отвара фирма но многу тешко се затвора

Пендев смета:

„Според моите видувања, македонското претприемништво се развива во позитивна насока и има некои свои стратегиски цели, кои ги остварува, помалку, или повеќе.“

Потевска го застапува следното мислење:

„Се уште постојат голем број ограничувачки фактори на планот на развојот на претприемништвото во земјата. Се соочуваме се уште со неповолна деловна клима како резултат на закони, кои претставуваат пречка во деловните активности. Нема релативно лесен пристап до свежиот капитал. Институциите се неефикасни и не се во функција на претприемништвото и на неговата поддршка, туку напротив, претставуваат сопирачка. Тука влегува и судскиот систем. Како резултат на сево ова луѓето не се решаваат да започнат со некој свој бизнис. Деловната клима е неповолна и поради преобемната администрација, која што е бирократизирана најчесто.“

Пендев додава:

„Колку повеќе се зголемува бирократијата, толку повеќе таа го задушува развојот на претприемништвото. Тоа значи навистина сериозна пречка за неговиот развој.“

Регистрирање фирми за неколку дена – затворање ниту за неколку години !

Во Тетово не мал број претприемачи во улога на основачи на фирми, наречени „трговец – поединец“, потоа како даватели на услуги, или како сопственици на мали производствени погони, ќе ви кажат дека „државните институции овозможуваат лесна регистрација на фирмите во Централниот регистер – за помалку од една недела – меѓутоа, само за да има колку е можно повеќе даночни обврзници, кои ќе го полнат буџетот на државата“. Но, и „оти тие исти фирми не е можно да бидат затворени ниту со години“. Откако стартувале амбициозно, по релативно кусо време повеќемина кои се решиле да ги затворат тие свои исти фирми, со оглед на немањето и преоптовареноста со финансиски обврски, согледуваат дека тоа не можат да го сторат сега еднакво бргу како и кога ги регистрирале претпријатијата: првин се бара од нив да си ги платат сите достасани даноци, придонеси кон фондовите и редица други давачки, без оглед дали имаат, или немаат пари.

Ѓоко Серафимовски, раководител на консултантското биро „Бест консалтинг“ од Тетово, вели:

„Главниот проблем кај нашите клиенти е тоа што се судираат со огромни проблеми при затворањето на своите фирми во моментите кога бизнисот ќе започне да им опаѓа, односно, кога нема да оди повеќе со замисленото темпо.“

„Ова е многу тешка ситуација за претприемачите, кои се обидуваат да ја напуштат бизнис – арената, немајќи сила за натамошен натпревар со проблемите“, коментира професорот Пендев и посочува дека со тоа се елиминира еден од најважните белези, но и предности на финансискиот капитал – неговата подвижност:

„Тогаш голем капитал не е мобилен: додека не ја затворат фирмата, тие веројатно не можат да најдат средства да отпочнат со некој нов бизнис.“

Дојче веле праша: сепак, дали можат креативните и иницијативни поединци во Македонија со интересни идеи за деловни активности сами да си создадат своја успешна бизнис – приказна?

Професорката Зарезанкова – Потевска одговара:

„Луѓето имаат свои приказни, но не можат да ги реализираат. Некоја може да биде и успешно реализирана, меѓутоа, тоа е повеќе резултат на среќа, отколку на поволните околности. Луѓето со идеи најчесто не можат да ги спроведат тие свои замисли и покрај тоа што имаат навистина добра идеја, што имаат желба, и покрај тоа што се храбри и решителни то тоа. Сепак, тие наидуваат на пречки, затоа што, меѓу другото, не можат да дојдат лесно до капитал.“

Symbolbild Kreditfalle Kredit Falle

Професорот Пендев фрла поглед на банкарските кредити:

„Кредитите се значително скапи. Тоа значи дека развојот на бизнисот е ограничен со скап капитал.“

Кредит може за 35 - годишници, ама не и за 36 - годишници !

Потевска укажува на еден конкретен пример:

„ Деновиве имав еден случај: 36 – годишен дипломиран математичар сака да реализира своја замисла во туризмот, но не може да добие соодветен поволен кредит, затоа што таму се предвидува тие кредити да им се доделуваат на лица до 35 - годишна возраст, а тој, ете, има една година повеќе !“

Таа заклучува:

„Цело време зборуваме за странски директни инвестиции, но што станува со домашните потенцијални претприемачи, кои имаат дури и пари, меѓутоа не сакаат да инвестираат во реализацијата на својата идеја? Тоа е само затоа што тие не се сигурни во економскиот систем, кој што владее во Македонија.“

Норвешката агенција за истражување и развој “Синтеф“ преку нивната канцеларија во Македонија спроведе истражување дали има претприемничко размислување меѓу младите во земјата. Според добиените резултати, „кај нив не постои претприемнички дух и интерес за започнување сопствен бизнис и има многу малку такви иницијативи и активности“. Прашање е колку креаторите на економската политика воопшто обрнуваат внимание на ова и слични истражувања, кои се судираат остро со празната декларативност на нивните убедувања дека „и во овој период на криза младите луѓе имаат идеи, желба и волја за водење бизнис“, како што тоа го има кажано не еднаш министерот за економија Фатмир Бесими.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски