1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Претпладне на работа, попладне на протести

Деновиве во Иран се одржуваат демонстрации и контра-демонстрации. Новинарите во редакцијата на фарси јазик на ДВ секојдневно се во контакт со своите семејства и пријатели. Што им пренесуваат оттаму?

default

Приврзаниците на кандидатот Мусави протестираат против изборните резултати

Ширин Џазаери седи на своето работно место во Бон, сосема смирена и пријателски расположена, иако постојано ја бомбардираат електронски пораки и телефонски повици. Повиците доаѓаат најчесто наутро, напладне мрежата е веќе преоптоварена. Новинарката во редакцијата на фарси јазик на Дојче веле деновиве едвај спие: „Во последниве два-три дена постојано сум во контакт со моето семејство, нормално е дека се плашам за нив, за мојата внука, внукот... Дали се дома, дали нешто им се случило или не“, вели Ширин.

Нејзиното семејство живее на северот од Техеран. Пресметките се случуваат најчесто во текот на ноќта, и тоа само неколку станбени блокови подалеку.

Вонредната состојба почнува попладне

Internetcafe in Teheran

Интернетот одигра значајна улога во организирањето на протестите

И роднините на колешката на Ширин, Алае Монсефи, живеат во предградието на Техеран. Таа секојдневно се слуша со нејзината сестра. Меѓутоа, не е точна претставата дека таму и ден и ноќ владее вонредна состојба. „Претпладне животот во Техеран се одвива нормално, тоа значи луѓето одат на работа, продавниците се отворени, може да се купи се`, нема недостаток од прехранбени производи. Веќе попладне, околу 16 часот по иранско време, почнуваат немирите и ситуацијата во градот одеднаш се менува“, раскажува Алае.

Децата во Иран веќе се на летен распуст и најчесто остануваат дома, покрај родителите. По улиците се гледаат само полицајци. Темелен претрес му се заканува на секој, кој се упатил кон местото на демонстрациите.

Договорите за протестите, пак, се пренесуваат од уста на уста. Ова функционира дури и во услови кога интернетот и мобилната мрежа се целосно блокирани.

Автор: Рихард Фукс / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска