1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Претпладнево 2 златни и 2 сребрени медала за Германците во кајак на мирни води

Сензационален успех на германските хокеарки, кои се закитија со златен медал. Бронза за фудбалерките. Германските јавачи дефинитивно остануваат без признание во дисциплината војничка програма, иако беа најдобри. Скандалозно однесување на грчката публика пред трката на 200 метри, како протест поради “случајот Кентерас”

Биргит Фишер - жива спортска легенда

Биргит Фишер - жива спортска легенда

Во финалните натпревари во кајак на мирни води на олимписката патека за веслање во Шиниас, претпладнево досега донесе два златни и два сребрени медала за германските претставници. Кристијан Гиле и Томас Виленцек победија во кану двосед на илјада метри, пред руската двојка Костоглод/Ковалев и Унгарците Козман/Колониц. Тоа е досега 12-ти златен медал за Германија на олимпијадата во Атина. Претходно Биргит Фишер, Мајке Нолен, Каролин Леонхарт и Катрин Вагнер се изборија за златниот медал во кајак-четирисед во завршницата на драматичната трка на 500 метри. За 42-годишната Фишер тоа е осми златен медал во кајак од досегашните настапи на олимпијадите, а покрај тоа има и три сребрени. Со таков биланс таа е меѓу најуспешните во историјата на игрите. Со оглед дека утре и‘ претстои и финалето во кајак-двосед, таа има можност да се придружи кон четворката најуспешни олимпијци на сите времиња со по 9 олимписки злата.

Машкиот екипаж на Германија во кајак четирисед на патеката од илјада го освои сребрениот медал, исто како и пред 4 години во Сиднеј. Победи екипажот на Унгарија.Фаворитот Андреас Детмер го освои сребрениот медал во кану едносед на патеката од илјада метри. Детмер, освојувач на златниот медал во оваа дисциплина на претходната олимпијада, во Атина е победен од Шпанецот Давид Сал. Бронзениот медал го освои Унгарецот Атила Вајда. Во кајак едносед победник е Норвежанецот Ерик Верас Ларсен, пред Фои од Нов Зеланд и ван Куверден од Канада. Германскиот претставник Бјерн Голдшмит го освои осмото место. Во кајак-двосед олимписки шампиони станаа Швеѓаните Оскарсен и Нилсон. Германската двојка Шефер – Херцел се пласира на шестото место.

Женската репрезентација на Германија во хокеј на трева приреди сензација освојувајќи го златниот медал со победата во финалето против фаворитот Холандија со 2 спрема 1. Ова е прва победа на Германките во меѓусебните дуели со Холандија по цели 13 години. Во претходниот меч, во преднатпреварите во Атина, Холандија победи со 4 спрема 1. Бронзениот медал го освои Аргентина.

“Екипата во целост ги исцрпе своите можности и се бореше до последен здив – и тоа беше клучно” – оцени тренерот на репрезентацијата Маркус Вајзе. “Вчера уште си бил сосем обичен човек, денес си олимписки победник, на што во почетокот воопшто не сметавме” – изјави голманот Луиза Валтер.

Женската фудбалска репрезентација на Германија го прослави освојувањето на бронзениот олимписки медал со победата над Шведска со 1 спрема 0. Тоа беше фактички реприза на финалето од светското првеснтво во 2003-та, кога исто така победија Германките. Меѓу најзаслужните за успехот е голманот Зилке Ротенберг, која против Шведска по 100-ти пат го облече репрезентативниот дрес. “Јас едноставно сакав со тимот да го освоиме бронзениот медал и безусловно да го носам венецот на главата.Откако потфрливме во полуфиналето против САД, тоа беше наша најголема цел. Екипата супер се бореше, голот добро го чувавме. Сонот се исполни, освоивме бронза и тоа на мојот 100-ти натпревар и тоа е супер-убаво” – рече Ротенберг. Златниот медал го освои селекцијата на САД која во во продолжението на финалниот натпревар забележа победа против Бразил со 2 спрема 1. Во регуларниот тек беше нерешено 1 спрема 1.

На атлетските натпревари денеска во одење на 50 километри златен медал за 36-годишниот Роберт Корженовски од Пшолска, кому ова му е четврти златен олимписки медал. Германецот Андреас Ерм беше дисквалификуван, а Андре Хене се откажа поради повреда. Синоќа Американците ги освоија сите три медали во трката на 200 метри, во која победи Шон Крофорд. Германецот Тобијас Унгер беше седми. Скандалозно е што публиката со свирежи и скандирања го попречуваше статртот, протестирајќи поради неучеството на Костас Кентерас кој поради допинг-аферата се повлече од игрите. На 400 метри со пречки Феликс Санчез го освои првиот златен медал на олимпијадите воопшто за Доминиканската република. Во скок во далечина доминираше Американецот Двајт Филипс.

Во модерен петобој олимписки победник е Андреј Мојсеев од Русија. Германецот Ерик Валтер, поранешен светски пррвак, го освои 7-то место.

Извршниот комитет на Меѓународниот олимписки комитет го отфрли барањето да им бидат вратени златните медали во јавање војничка програма на германскиот тим и на Бетина Хој поединечно, што им беа одземени по протест од Франција, Велика Британија и САД. Бетина Хој двапати мина преку стартната линија поради проблеми на судијата со хронометарот во првиот обид. По протестот во вкупното време и‘ беа додадени и 14-те секунди до второто тргнување од стартната линија, па така таа падна на 9-тото, а германскиот тим на 4-тото место. Однесувањето на меѓународните спортски функционери го критикуваше дури и германскиот канцелар Герхард Шредер.