1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Претпазлив оптимизам по согласноста на Сирија

Согласноста на сирискиот режим со планот од шест точки на специјалниот пратеник на ОН Кофи Анан, наиде на скепса. Покрај сириската опозиција, со недоверба реагираат и САД.

default

Кофи Анан

Дали режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад го врти листот? Од Кина специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига Кофи Анан соопшти:

„Кинеската влада ни‘ сигнализираше своја поддршка. Таа заедно со членките на Советот за безбедност ќе работи на спроведување на планот од шест точки. Јас ја известив дека има позитивна реакција од Дамаск.“

Зад планот од шест точки претходно застана и Русија.

„Планот од шест точки на Советот за безбедност се однесува на политичките разговори меѓу страните во конфликтот, кои се итно неопходни, бара повлекување на тешкото оружје и трупите од населените места, ослободување на затворениците и слобода на движење за хуманитарните организации и новинарите. Тоа сето е дел од планот кој сега е прифатен од страна на сирискиот режим“, соопшти Анан во Пекинг.

Сириската опозиција која деновиве заседава во Истанбул, реагира со скепса. Наџи Тајара од Сирискиот национален совет изјави:

„Планот на Анан не бара промена на режимот во Дамаск. Тоа е најголемиот проблем што го имаме со планот од шест точки. Мислам дека наскоро нема да има крај на насилството.“

Mahmud Ahmadinedschad und Bashar Assad 2010

Махмуд Ахмадинеџад и Башар Ал Асад

Неговиот колега од опозицијата Фаваз Тело беше уште појасен:

„Режимот лаже веќе една година. Во оваа година вети многу, но ниту едно ветување не е одржано. Режимот сака само да добие на време за да ја задуши револуцијата.“

Недоверба во Вашингтон

САД реагираат со воздржан оптимизам на веста дека Дамаск е согласен со планот на Анан. Министерката за надворешни работи Хилари Клинтон рече дека е тоа важен чекор кон мир, но нагласи дека по зборовите на Асад мора да следуваат дела. „Ако е подготвен да стави крај на ова мрачно поглавје во историјата на Сирија, тогаш тоа може да го докаже со тоа што ќе им нареди на владините трупи веднаш да запрат со огнот и да почнат повлекување од населените подрачја“, изјави Клинтон пред новинарите во Вашингтон.

Иран пак, му ветува целосна поддршка на сириското раководство. Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад во Техеран рече дека Сирија има безрезервна поддршка од Иран и тој не гледа пречка за продлабочување на билатералните односи. По разговорите со специјалниот ополномоштеник на сирискиот претседател Фајсал Мекдад, Ахмадинеџад изјави дека е уверен оти Асад одамна ги почнал неопходните реформи во земјата. Иран му дава вербална поддршка на режимот на Асад уште од почетокот на немирите во Сирија, но демантира дека му доставува оружје на Дамаск.