1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почеток на пресметката со „слатките '80ти“

Синиша Богданиќ/БГ4 август 2016

Пресудата за Здравко Мустач и Јосип Перковиќ во Хрватска актуелизираше цела низа прашања: од лустрација и отворање на архивите преку приватизацијата и сентименталниот однос кон Југославија.

https://p.dw.com/p/1JbI6
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel

Според пресудата на Судот во Минхен двајцата припадници на југословенската и хрватската тајна служба крајот на животот би можеле да го дочекаат во затвор. Осудени се за соучесништво во убиството на Стјепан Ѓурековиќ, дисидент и поранешен менаџер на нафтената компанија Ина, во Германија во 1983 година. Случајот го става на увид размерот на корупцијата во поранешна Југославија, но и бескрупулозноста на тогашните политички моќници кои не се двоумеле да убиваат ни на територија на други држави.

Според истражувачкиот новинар Жељко Ператовиќ, кој детално го следеше овој случај, најважниот дел од пресудата говори за тоа дека злосторството го сторил системот. Но додава, пресудата е важна и за расветлување на аферите поврзани со Ина во која во тоа време работеле наследниците на високите југословенски функционери. Ператовиќ за ДВ потсетува дека во време на убиството се водела истрага за малверзациите во таа нафтена компанија.

Провизии од нафта

Имено, убиениот Ѓурековиќ поради информациите со кои располагал бил опасен за Вања Шпиљак, исто така вработен во Ина и син на Мика Шпиљак, кандидат за претседател на Југославија.
„Вања Шпиљак со помош на Мишо Броз, синот на Јосип Броз Тито, прикажал недостаток на нафта за да се одобри интервентен и илегален увоз кој се водел преку компанијата Генекс, а на што се остварувале провизии“, вели Ператовиќ.
За тоа била отворена истрага, а почнале и апсења. „Подоцна во опструкцијата на истрагата која самиот ја отворил учествувал и поранешниот министер за внатрешни работи на СР Хрватска, Павле Гажи“. Пред судот, пак, Гажи тврдеше дека хрватското раководство ја затворило истрагата сметајќи дека се работи за напад на централистите од Белград врз Хрватска.
Ператовиќ објаснува дека учесниците во таа коруптивна афера и денес се актери во хрватскиот политички и стопански живот. „Знаеме дека бившиот премиер Златко Матеша во тоа време бил важен член на Ина. Тој пак е зет на поранешниот премиер Фрањо Грегуриќ кој се споменува како приватизациски махер“.

Deutschland Josip Perkovic und Zdravko Mustac in München
Здравко Мустач и Јосип ПерковиќФотографија: picture-alliance/dpa/A. Gebert
Stjepan Djurekovic kroatischer Dissident Opfer der ex-jugoslawischen Geheimdienste
Стјепан ЃурековиќФотографија: DW

Денес, објаснува Ператовиќ, ткн. десни политичари ќе тврдат дека се работи за пресуда на Комунистичката партија чиј наследник е Социјалдемократската партија на Хрватска. „Левицата, како што веќе рече Зоран Милановиќ, ќе биде шокирана од фактот дека тоа биле луѓе од доверба на Туѓман во кои се колне ХДЗ“.

Уништени архиви

Историчарот Давор Маријан за ДВ вели дека пресудата претставува почеток на увидот во вистинскиот карактер на социјалистичка Хрватска и Југославија. „Ова е поинаков вовед во 1980-те години за кои многу луѓе во Хрватска, за жал, сметаат дека биле прекрасни и убави. Ова е чекор за конечно да започнеме да ја утврдуваме вистината во што живееле Хрватите од 1945 до 1990 година“, вели тој. Маријан не е голем поборник за отворање на архивите затоа што смета дека голем дел од материјалите се веќе уништени. „Никогаш нема да успееме да реконструираме какви биле тие служби. Нивните поранешни функционери добро се погрижија за тоа. Реконструкцијата не е можна без Белград“.
Обидот на владата на социјалдемократот Милановиќ да го блокира европскиот налог за апсење на Перковиќ, според Маријан само покажува дека старите структури се силни во СДП, но и во другите партии.
„Архивите останаа кај СДП, и оваа партија си дозволува да одредува кому ќе дозволи увид во архивата на Централниот комитет. Но тие структури се силни и во други партии. Се стекнува впечаток дека речиси сите партии се однесуваат по образецот на Комунистичката партија“, вели Маријан.