1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресуда за “Големото уво“

Александар Чомовски15 јуни 2007

Секој од 17-те македонски новинари, следени од МВР, ќе добијат по шест илјади евра отштета за седумте години малтретирање по судовите и барањето на вистината – кој, зошто и колку ги прислушувал.

https://p.dw.com/p/Ax57
Фотографија: Illuscope

Кривичниот суд во Скопје уважи само дел од побарувањата, а новинарите најавија жалба за првата донесена одлука околу аферата прислушување, што ја обелодени лидерот на тогашниот опозиционен СДСМ, Бранко Црвенковски. Поради долгиот бојкот во македонските судови, новинарите поднесоа и барање за заштита на нивните права пред Европскиот суд. Новинарката во “Фокус“, Јадранка Костова изјави:

“Ниту оваа наша апликација во Стразбур не вознемир, ниту потресе некого овде. Оттогаш мина година и половина, а ние сме неколку чекори поназад.“

Роберт Поповски од телевизијата “Канал 5“ нагласи: “Пинг-понг варијантата, еден па друг суд, четири судии и се она што се случува е навистина нешто што не би можел да го претпоставам никогаш ако не го доживеев.“

Пресуда со предисторија

Зад пресудата се крие политичка и правна историја. Имено, главно осомничените за тоа дека во МВР се прислушувале стотина политичари, бизнисмени, новинари и амбасадори, беа амнестирани. Доста Димовска и Александар Цветков, високи полициски функционер и министер, најдоа заштита од екс-претседателот на Македонија, Борис Трајковски.

Аферата “Големо уво“ не случајно беше обелоденета во јануари 2000 година. Тоа беше мотив и за првото ракување на Црвенковски и Трајковски, зашто дотогаш екс-претседателот беше третиран како “граѓанинот Борис“. Иронијата да биде поголема, сега ВМРО ДПМНЕ го оспорува претседателскиот легитимитет на актуелниот шеф на државата, Бранко Црвенковски. Една година потоа следуваше воениот конфликт и повторно проработеа тајните и недозволени снимања. Овој специјален метод на полициска истрага сега е допуштен по уставните промени, но само со налог од истражен судија и ако се во прашање сомневања за дела од сферата на организираниот криминал. Во политичко-парламентарните кругови неодамна се тврдеше дека партиите се прислушувани, но и прислушуваат илегално. Таа информација што пред 6 месеци ја соопшти Тито Петковски, лидер на владеачката НСДП, сеуште е без епилог. Ниту тој достави прецизни информации кој одново прислушува, ни парламентот отвори посериозна дебата за таа афера.