1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пресудата против Шешељ: Како да се излезе од правниот ќорсокак?

Откако во август оваа година пред Советот за претрес на Хашкиот трибунал се води постапка против Војислав Шешељ, беше дисквалификуван данскиот судија Хархоф, судењето се наоѓа на мртва точка.

Претседателот на Трибуналот Теодор Мерон, поднесувајќи го деновиве полугодишниот извештај пред Советот за безбедност на ОН, мораше да признае дека ни самиот не знае како ќе излезе од процедуралниот ќорсокак во кој се најде судењето. Пресудата против лидерот на српските радикали, обвинет за злосторства против човештвото во БиХ, Хрватска и Војводина, требаше да му биде изречена пред околу еден месец и пол, 30 октомври, а во овој момент е сосема неизвесно дали тоа ќе се случи.

Наскоро ќе се наполнат 11 години откако Шешељ се наоѓа во притвор во Хашкиот трибунал, се предаде на 24 февруари 2003 година, а судењето почна во 2007 година, а по многу прекини, поради процедурални причини, штрајк со глад на обвинетиот и негови здравствени проблеми, заврши дури во март минатата година.

Сакаше да му напакости на Трибуналот

Портпаролот на Хашкиот трибунал Магдалена Спалинска неодамна рече дека самиот обвинет со своето однсеување придонесе за долгиот престој во притвор. Како претставник на својата одбрана Шешељ го забавуваше процесот поднесувајќи безброј процедурални барања, жалби и обвинувања како на сметка на Судскиот совет, така и на администрацијата на Трибуналот.

„Ја користам секоја прилика да му напакостам на Судот и на затворската управа“, рече на едно заседавање. Десетина пати бараше да биде пуштен на слобода, но одбиваше да ги исполни прописите под кои тоа барање единствено можеше да биде поднесено, а тоа е да бара гаранција од Србија дека ќе ги почитува условите за време на привремената слобода.

„Да барам гаранции од предавничкиот, прозападен режим во Белград, не ми паѓа на памет. Од прозападен предавнички режим тоа никогаш нема да го барам“, одбиваше Шешељ, удирајќи со тупаница по масата.

Најголем непријател на Хашкиот трибунал

Како најголем непријател на Хашкиот трибунал, како што самиот се оцени, Шешељ ги навредуваше тужителите и бараше изземање на речиси сите судии, како во постапката пред судењето, така и за време на судењето. Последното барање и му успеа: од Советот за претрес беше изземен судијата Хархоф поради наводна пристрасност. Специјалниот совет, со кој претседаваше малтешкиот судија Кармел Аѓиус, со таа одлука предизвика целосен застој на судскиот процес. Тоа беше на 28 август, кога почна одбројувањето на деновите до пресудата, 30 октомври. Тоа Шешељ го искористи да поднесе барање за пуштање на слобода и да побара 12 милиона евра обештетување. Пред околу две години бараше помала сума:

„Јас ви го споменав барањето за отштета, десет милиони евра со ослободителна пресуда. Ако тука постојат проблеми, тогаш крајното барање ќе ми биде сто милиони евра. Имам веќе подготвен адвокат во Њујорк, кој ќе ги тужи ОН.“

Обвинителството смета дека мнозинството судии во специјалниот совет не ги применило утврдените стандарди за докажување и дека одлуката за разрешување на данскиот судија не е донесена во согласност со највисоките правни стандарди.

Процедурални дилеми

На прашањето како да се излезе од ќорсокакот во кој падна судењето на Шешељ, никој во моментов нема дефинитивен одговор. Бидејќи според правилата на Трибуналот, пресудата не може да ја изрече непотполн судски совет, од само двајца членови, наместо Хархоф, именуван е сенегалскиот судија Мандиаје Нијанг, кој мора да проучи десетици илјади страници стенограми за да биде подготвен за постапката. За повторно судење нема време, а таа алтернатива е премолчено елиминирана.

Обвинителството смета дека судењето, односно изречувањето на пресудата може несметано да се доврши со именување друг судија, како и во време на судењето на Слободан Милошевиќ, кога умре судијата Ричард Меј и беше заменет со судијата Бономи. Но, тоа се случи среде судењето, а не непосредно пред изрекувањето на пресудата, што би можело да внесе процедурални дилеми и прашања за регуларност на постапката. Шешељ најави дека е подготвен да го оспори тоа решение.

Се‘ на се‘, би можело да се случи постапката против лидерот на српските радикали да продолжи и по затворањето на Трибуналот во 2015 година, во т.н. резидуален механизам, кој би требало да ја наследи и да ја заврши мисијата на Трибуналот.