1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Пресудата против Садам поздравена, но се бара да не биде извршена

Пресудата е лекција за сите злосторници и терористи, вели ирачкиот премиер Малики. Канцеларот Ангела Меркел и ЕУ бараат казната да не биде извршена

Садам Хусеин во судницата

Садам Хусеин во судницата

Во процесот против поранешниот ирачки диктатор Садам Хусеин е донесена очекуваната смртна пресуда поради масакрот во Дуџаил, шиитско село на југот на земјата. Во 1982-ра година по обид за атентат врз Садам, таму од одмазда се убиени повеќе од 140 луѓе, се вели во пресудата. Многумина во Ирак сакаат Садам да биде обесен, но по изрекувањето на пресудата имаше и демонстрации во негов прилог.

Ирачкиот премиер Нури ал Малики им се обрати на сограѓаните со порака дека владеењето на диктаторот и неговата партија сега дефинитивно припаѓаат кон минатото. “Пресудата против диктаторот е лекција за сите злосторници и терористи” – рече Малики.

Во светот искажано задоволство поради пресудата, но и барања да биде суспендирано извршувањето на смртната казна.

Американскиот претседател Џорџ Буш ја означи пресудата како најзначајно постигнување на демократијата во Ирак: “Осудата претставува клучен момент за стремежот на ирачкиот народ владеењето на еден тиранин да го замени со владеење на правото”. За жртвите на Садам денеска е воспоставена праведност, додаде американскиот претседател и уште еднаш ја потврди поврзаноста на САД со Ирак.

Британскиот министер за надворешни работи Маргарет Бекет го поздрави фактот дека Садам и другите обвинети мораа да застанат пред правдата и да положат сметка за своите злосторства. Владата на Садам Хусеин направи ужасни злосторства, оттука на место е што оние што му се должни на ирачкиот народ поради тие злосторства, мораа да застанат пред правосудството, вели Бекет.

Германскиот канцелар Ангела Меркел, пак, го потврди ставот на владата за отфрлање на смртната казна. За поздравување е што е судски обработено владеењето на Садам Хусеин, истовремено е јасно “дека во ЕУ има принципиелна скепса во однос на смртната казна и нејзино отфрлање, но беше на место и правилно судското обработување на делата на Садам Хусеин”, рече Меркел.

ЕУ ја поздрави пресудата и апелира до Ирак да не биде извршена смртната казна: “Утврдувањето на вистината и одговорноста за оние кои направија злосторства во време на поранешниот режим ќе помогне во воспоставување на национално помирување и дијалог во Ирак во иднина” – се вели во соопштението на Финска, која моментно претседава со Унијата. “ЕУ се противи на смртната казна во сите случаи и околности и смета декатаа не би требало да биде извршена ни во овој случај” – е наедено во соопштението.