1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пресудата за Толимир- потврда за геноцидот

Доколку не биде сменета во евентуалната жалбена постапка, пресудата за Здравко Толимир ќе биде првата хашка пресуда која го потврдува геноцидот во Жепа. Преживеаните се задоволни од пресудата.

Бошњачкиот офицер за врски со Хашкиот трибунал, Амир Ахмиќ за ДВ вели дека пресудата за Здравко Толимир може да биде пресвртница за Хашкиот трибунал.

„Оваа пресуда не го потврдува само геноцидот во Сребреница, туку и геноцидот во Жепа, а може да биде и многу значајна за процесите кои се водат против Радован Караџиќ и Ратко Младиќ“, вели Ахмиќ.

Убиството на тројцата водечки воено-политички претставници на босанските муслимани во Жепа, Мехмед Хајриќ, Амир Имамовиќ и Авдо Палиќ, Судот го оцени како „дело на геноцид“ бидејќи требало да послужи како „пример дека нема надеж за опстанок на муслиманското население во енклавата“.

За преживеаните, пресудата е од огромно значење.

Есма Палиќ, сопруга на убиениот командант на Армијата на БиХ во Жепа, Авдо Палиќ, смета дека пресудата е „очекувана и праведна“.

„Оној кој го нареди заробувањето и убиството на мојот сопруг можеби е и повеќе одговорен од оној кој го извршил убиството по наредба. Славам, не затоа што Толимир е осуден на доживотен затвор, туку затоа што победи правдата“, вели Палиќ.

Претседателката на здружението „Мајки од енклавата Сребреница и Жепа“ Мунира Субашиќ верува дека Толимир е еден од најодговорните за убиството на 22 членови на нејзиното семејство.

„Казната за Толимир е мала утеха за жртвите, но пресудата за геноцид е важна затоа што ќе влезе во историјата. Она што е изнесено во овој предмет е само мал дел од она што го преживеавме во Сребреница во 1995.“, вели Субашиќ.

РС: двојни аршини?

Srebrenica Gedenktag

Годишнина од масакрот во Сребреница

Претседателот на собранието на Република Српска, Игор Радојчиќ оцени дека пресудата за поранешниот генерал на војската на босанските Срби „дава чувство на двојни аршини“ во однос на пресудите на генералите Анте Готовина и Младен Маркач, како и за командантот на ОВК, Рамуш Харадинај.

Директорот на Центарот на Република Српска за истражување на воените злосторства, Јанко Велимировиќ смета дека на Толимир треба да му се помогне во жалбената постапка „за да се оспорат квалификациите наведени во првостепената постапка“. За Велимировиќ е проблем тоа што во пресудата се наведува „здружување заради вршење геноцид, што е предупредувачки за РС“.

Според адвокатот Крстан Симиќ, „пресудата за Толимир е и пресуда за Ратко Младиќ“, затоа што Толимир во пресудата е оквалификуван како „продолжена рака, очи и уши на генералот Младиќ“.