1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Престрелки во Тулуз - осомничениот не се предава

Француската полиција од утрово го држи под опсада домот на лицето осомничено за четирикратното убиство во близина на еврејското училиште во Тулуз. Според агенциските извештати, се разменуваат истрели.

Најмалку двајца полицајци се повредени во престрелките кои започнале од рано утринава во едно преградие на Тулуз. Осомниченото лице, кое во разговор со полицискиот преговарач тврдело дека е член на Ал Каеда, најверојатно е атентаторот кој застрела четири лица во близина на еврејското училиште во Тулуз неделава и уште тројца француски војници пред неколку недели.

Францускиот министер за внатрешни работи Клод Жуан тврди дека 24-годишникот во неколку наврати ги посетувал Авганистан и Пакистан и изјавил оти нападите ги извршил како одмазда за француското учество во конфликтот.

„Тој тврди дека е муџахедин кој и‘ припаѓа на Ал Каеда“, рече Жуан. „Сакал да се одмазди за смртта на палестинските деца, но и за учеството на француската армија во операциите во странство“, дополни министерот.

Осомничениот наводно бил следен од француските служби подолго време, но клучните докази за неговата можна вмешаност во убиствата биле обезбедени дури вчера. Полицијата во текот на ноќта го уапсила и неговиот брат. Пред станот околу кој се одвива престрелката утрово била доведена и мајката на осомничениот со цел да разговара со него и да го убеди да се предаде.

Полициските извори тврдат оти се убедени дека тој е убиецот на вкупно 7 луѓе во последните неколку недели. Серијата злосторства ја шокира Франција и делумно ја прекина предизборната кампања за претседателските избори.

Razzia in Toulouse

Полицијата во текот на ноќта го уапсила и братот на осомничениот убиец

Серијата убиства започна на 11 март кога од непосредна близина во главата беше застрелан француски војник со арапско потекло. Со пиштол со истиот калибар четири дена подоцна беа убиени уште двајца војници, исто така со потекло од арапскиот свет. Серијата кулминираше со убиството на три малолетни деца и нивниот учител пред еврејското училиште во Тулуз, во понеделникот (19.03).

Во текот на денов во Израел ќе бидат погребани посмртните останки на четирите жртви. Погребот на убиените француски војници ќе биде извршен во градот Монтабан попладнево, а најавено е присуството на двајцата главни ривали во претседателската кампања, Никола Саркози и Франсоа Оланд.