1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пресметка со опозицијата

Иранскиот државен апарат применува се‘ порепресивни мерки против опозицијата, а за денеска (30.12.2009) ги повика своите приврзеници на демонстрации за поддршка на претседателот Махмуд Ахмадинеџад.

default

Од протестите на опозицијата

Три дена по масовните протести на опозицијата на верскиот празник Ашура, иранското раководство ги повика на демонстрации своите поддржувачи. На собирите закажани за денеска би требало да биде демонстрирана силата на политичкиот естаблишмент на Исламската република и на целиот свет да му биде покажано дека ситуацијата во Иран е стабилна.

Официјалниот повод за демонстрации е „протест против злоупотребата на светиот празник Ашура“ од страна на опозицијата во неделата.

Собирите за поддршка на иранското државно раководство би требало да бидат одржани низ целата земја. Демонстрациите ги организира Советот за исламска пропаганда. Вчера неколку студентски и работнички исламски движења на државните службеници мораа јавно да потврдат дека „доброволно“ ќе учествуват на денешните собири.

Централната демонстрација е закажана за денеска попладне во центарот на Техеран, јави државната телевизија.

Proteste in Teheran 27.12.2009

Државниот апарат уште вчера ја испробуваше кореографијата со одржување неколку помали собири за поддршка на власта.

Обвинувања на сметка на САД

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад вчера попладнето изјави дека протестите на опозицијата се „одвратна маскарада“ во режија на САД и Израел. Истовремено, во министерството за надворешни работи бил повикан британскиот амбасадор и му била врачена протестна нота. Иран ја обвини Велика Британија дека шири лаги. Шефот на британската дипломатија, слично како и политичарите од САД и Германија, крвавите протести во Иран ги нарече „загрижувачки“. Милибанд изрази почит кон храброста на демонстрантите и го критикуваше односот на иранските безбедносни сили.

Иранскиот министер за надворешни работи Манухер Мотаки претходно ги обвини САД и Велика Британија за поддршка на протестите на опозицијата. Тој не пропушти да оцени дека се работи за „мал собир вандали. “

Автор: Улрих Пик / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска