1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Преседан: Комисијата на ЕУ ќе го тужи Советот на министрите за финансии пред Европскиот суд!

20-те комесари на ЕУ, по подолга дискусија, со големо мнозинство решија да се побара од Европскиот суд да поведе итна постапка, за веќе до лето да може да биде донесена пресуда. Тоа ќе биде наредна рунда во веќе двегодишниот спор околу Пактот за стабилност на заедничкото платежно средство еврото. Герасимос Томас, портпарол на еврокомесарот за монетарни прашања Педро Солбес, пред новинарите образложи: "Ова мораше да биде сторено. Наша задача како чувари на европските договори е да дејствуваме кога тие се прекршуваат или кога мора да биде разјаснет текот на работите за во иднина. Од друга страна, јасно е дека во наредниот месец ќе мора да се разговара за политичките и економските подробности на буџетскиот надзор". Томас појасни дека тужбата на Комисијата се однесува само на постапката, но не и на содржината на заклучоците на Советот на министрите од ноември 2003-та, во кои Германија и Франција се обврзуваат дури во 2005-та, а не како што предвидува Пактот за стабилност веќе во тековнава година да го намалат буџетскиот дефицит, односно новото задложување на државата, под предвидената граница од 3 насто од домашниот бруто- производ. За да се заштитат од можни казни, Германија и Франција минатиот ноември организираа мнозинство во Советот на министрите, кое ги отфрли предлозите на Комисијата на Унијата. Пактот за стабилност фактички беше суспендиран. На страна на Комисијата тогаш беа само Австрија, Финска, Холандија и Шпанија. Портпаролот Томас не сакаше да изнесе кој комесар каков став заземал, но укажа: "Немаше гласање, туку само многу обемна дискусија која доведе до јасно решение". Неизвесно е дали судиите во Луксембург ќе ја прифатат тужбата или ќе ја отфрлат како чисто политичка постапка. Германскиот министер за финансии Ханс Ајхел не верува дека тужбата има изгледи на успех. Пактот за стабилност беше донесен во 1997-ма година токму на притисок од Германија, за да се спречи слабеење на новата валута еврото.
Надлежниот комесар Педро Солбес има намера уште на почетоков од годинава да поднесе нова иницијатива за прилагодување на правилата на Пактот за да се има повеќе обsир спрема национално различните фактори како задолжување, инфлација, трошоци за здравствениот и пензискиот систем.