1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Препораката за Македонија е праведна и урамнотежена

Европскиот парламент ја поддржува стратегијата за проширување на Европската Унија, претставена од комесарот Оли Рен, со барање за урамнотеженост меѓу проширувањето и продлабочувањето.

Европскиот парламент во Стразбур

Европскиот парламент во Стразбур

Европратениците во синоќешната расправа, ја поздравија препораката за доделување на статус на земја кандидат на Република Македонија, своевидна препорака до претстојниот самит на ЕУ; Грчките европратеници не го заборавија проблемот со името.

- Во интерес на нашите европски граѓани е да ги заинтересираме за процесот на проширување, нагласи уште на почетокот од својата декларација пред Европскиот парламент во Стразбур, комесарот Оли Рен, задолжен за проширувањето на Европската Унија, при претставувањето на вториот акт од проширувањето.

- Секоја земја од Западен Балкан, направи чекор кон Европската Унија, затоа ние им испративме јасна порака – Европската Унија, останува ангажирана за нивното зачленување во неа, на средни и долги рокови, откако ќе ги исполнат условите.

Исто како и пред една недела во Брисел, еврокомесарот ги одбрани ставовите на Комисијата околу проширувањто. Зборувајќи за Македонија, Оли Рен рече:

- Мислењето на Комисијата за Македонија е праведно и урамнотежено... Таа е единствената мултиетничка држава во регионот на Западен Балкан, мултиетнички модел кој функционира, затоа Комисијата и го призна статусот на кандидат. Тоа е позитивен сигнал за целиот регион, но не треба да се брза, почетокот на преговорите ќе бидат препорачани, откако ќе бидат испочитувани критериумите од Копенхаген.

Во дискусијата која следуваше, Ханс Свобода од редовите на групата на европските Социјалисти, зборувајќи за Македонија нагласи:

- Јасно сакам да кажам дека сум малку разочаран бидејќи не започнуваме веднаш преговори со неа. Од друга страна треба да се гледа на ова како поттик на Македонија за спроведување на потребните реформи. Тоа што го имаме и што се случи во Македонија е веќе успех, нагласи австрискиот европратеник, чија земја за време на претседавањето со Унијата планира да организира самит со земјите од Западен Балкан, како што потврди еврокомесарот Оли Рен.

Дискусијата на унгарскиот европаратеник, Иштван Сент-Ивани, кој зборуваше во името на европските Либерали и Демократи, најдобро ја резимира едночасовната дебата која се водеше во Стразбур: „најважниот резултат од проширувањето е тоа што тој им дава перспективи за во иднина на земјите од Западен Балкан.“

- Посебно признавањето на Македонија, како земја кандидат, значи признавање на напорите кои таа ги постигна досега. Иако не е даден датум за отворање на преговори, бидејќи ниту Македонија, ниту Европската Унија не се подготвени за тоа денес, сепак се надевам дека тоа ќе се случи набрзо, рече тој.

Европратениците, застанаа зад Европската Комисија поддржувајќи го процесот на проширувањето на Европската Унија, со барање тој да биде урамнотежен со нејзиното продлабочување, или како што рече Елмар Брок, претседателот на комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент:

- На Европската Унија, потребен и еден период за консолидација, за јасно да се каже во која мерка таа останува способна да делува, да има политичка Унија или таа ќе еволуира во зона на слободна трговска размена.

Грчките европратници, од нивна страна , не пропуштија а да не се осврнат на проблемот со името на Македонија,

- Потребно е да се направи нешто, кога станува збор за името, бидејќи за да се игра танго потребни се двајца, рече Панајотис Беглитис.

Додека Јоргос Папастамкос, кој наедно претседава со делегацијата на Европскиот парламент за соработка со Македонија, тој беше уште подиректен:

- Од наша страна ние не видовме подршка за проблемот со името на земјата, ние се судривме со затворени врати.