1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Препораката за ЕУ неизвесна до последен момент

Домашните експерти не знаат дали Македонија ќе добие „условена препорака“, но се надеваат дека препораката сепак нема да изостане, заради последиците за Македонија од таков преседан.

Пет дена пред објавувањето на Ивештајот на ЕК за напредокот на Македонија, се множат прогнозите дали Македонија ќе ја задржи или изгуби препораката за преговори со ЕУ.

„Со оглед на компликуваната политичка ситуација, Македонија овој пат ќе добие 'условена препорака' за старт на преговори за членство во ЕУ“, објави вчера „Нова ТВ“, повикувајќи се на неименувани извори. Условот би бил спроведување на Договорот од Пржино, со можност ЕК да направи и нов извештај посветен на Договорот, во првата половина на 2016 година. Ако тоа се случи, би бил прв таков случај во историјата на проширувањето на ЕУ.
„Се е преседан. Колку што би било преседан одземање на препораката или давање 'условена препорака', толку би било преседан и добивањето на седма препорака без никаков чекор напред“, се првичните коментари во јавноста.

Република Македонија беше првата земја што во 2001 година ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, а кандидатскиот статус го доби во 2005 година. Годинава „одбележува“ неславен јубилеј: една деценија тапкање во место.

Превенирање на нова „ролна“

За препорака „условена“ со политички дијалог интензивно се зборуваше и во 2014 година, но тоа не се случи. Неизвесно е дали сега ќе биде имплементирана ваквата „формула“ за која тогаш размислувал еврокомесарот Штефан Филе и неговиот тим, откако ВМРО-ДПМНЕ им се „заблагодари“ за медијаторството во договорените решенија за надминување на причините што доведоа до „црниот понеделник“, со тоа што ги поистоветија со ролна „тоалетна хартија“? Дали со евентуална условена препорака сега ќе се превенира можноста и од Пржино да се стркала уште една таква „ролна“?

Експертите не се сигурни дали е можно такво решение, со оглед дека секој Извештај на ЕК посочува на исполнување на одредени обрски како услов за достигнување на неопходните стандарди. Но, сепак, не исклучуваат и таква формулација.

Оваа година препораката е неизвесна до последниот момент, вели Малинка Ристевска Јорданова, директор на Институтот за европска политика од Скопје. „Најверојатно ќе се направи уште еден обид таа да се задржи, со тоа што ќе се врзе или ќе се услови со исполнувањето на Договорот од Пржино. Внимателноста со која Комисијата и приоѓа на одземањето на препораката е разбирлива - и заради последиците за Македонија, и заради тоа што Комисијата сака да избегне таков преседан во проширувањето. Понеизвесно е во која мера оваа евентуална условеност ќе допре до премиерот, кого амбасадорите на држави членки на ЕУ директно го посочија како одговорен за блокадата во спроведувањето на Договорот. Иако навидум изгледа дека не се губи многу, зашто препораката е всушност 'замрзната', самиот чин на одземање би значел санкционирање на Владата и би го отежнал враќањето на државата на европскиот колосек“, смета Јорданова.

Mazedonien- Stefan Füle und Nikola Gruevski

За условената препорака како опција размислувал и претходниот комесар Штефан Филе (на фотографијата со Никола Груевски)



Инструмент за контрола

Извештајот за напредокот на Македонија е напишан и во него се очекува да се најдат нотирани сите забелешки за назадувањето и отсуство на реформи, кои всушност и доведоа до кулминација на политичката криза. Сценариото за условена препорака наводно се сметало за најсоодветно, бидејќи ЕК стравувала дека и понатаму ќе има блокади секогаш кога владеачката партија ќе оцени дека тоа може да го направи, па во условот за одржување на препораката се гледало како на ефикасен инструмент за држење на состојбите под контрола.

„Препораката за преговори треба да ја гледаме како инструмент за одржување на европската иднина на Македонија“, вели Бојан Маричиќ, извршен директор на Македонскиот центар за европско образование.

„На сите им е јасно дека Македонија не е во состојба да започне преговори за членство, но суспензијата на препораката би можела да повлече конечен крах на Договорот од Пржино. Со таква, условена препорака, всушност Договорот од Пржино се одржува во живот. Треба да имаме на ум дека препораката претставува и главен аргумент на ЕУ да ја третира Македонија како внатрешно прашање и да има можност поинтензивно да се вклучи во решавањето на политичката криза.

Сепак, за да не и остави простор на власта да ја прикаже оваа условена препорака како сопствен успех, Европската комисија ќе треба добро да ја образложи условеноста, посочувајќи чија е вината за загрозувањето на европската иднина на државата. Впрочем, ќе биде доволно само ако се преземат заклучоците и препораките од Извештајот на Прибе, каде власта е жестоко критикувана за својот однос кон институциите и медиумите. Доколку овие наводи се преточат во Извештај за напредокот, тоа ќе биде доволно јасна порака каде сме и во која насока треба да се движиме“, смета Маричиќ.

По досегашните шест препораки, и покрај бројните забелешки во сите извештаи на ЕК, Владата секогаш настапуваше со еден ист аргумент: „Ако состојбите беа лоши - немаше да има препорака!“ За неколку дена ќе се знае дали таквиот „аргумент“ ќе биде поништен на јавна сцена.

И додека растат шпекулациите за тоа што носи Извештајот на ЕК, партиската „четворка“ се уште не може да постигне договор за надлежностите на новите министри и заменици министри во преодната влада. Билатералните средби на европскиот олеснувач Питер Ванхауте со преговарачите се интензивни, но до денес нема резултат. За застојот во разговорите ВМРО-ДПМНЕ вчера ја обвини СДСМ, а опозицијата ја обвини власта.