1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Преполни универзитети во Германија

Поради скратувањето на времето до матура за една година, на германските универзитети владее навалица од студенти, дупли генерации. Тоа отвора проблем со сместувањето, кириите растат.

За Кристијан Нас останува само помошниот кревет во просторија на Студентското здружение на Универзитетот Франкфурт. За студентите во овој град станбениот простор е прескап.

„Има станови, но тие чинат петстотини, шестотини, седумстотини евра, често плус режиски трошоци, а тоа еден студент не може да си го дозволи“, вели Христијан.

Огласи со побарување насекаде низ градот. Бруцошите очајно бараат станови, во сите универзитетски градови. Последица: кириите растат дополнително. А место во некој од студентските домови има само за шест проценти од студентите. Дури и универзитетите во меѓувреме помагаат во барањето сместување.

„Ситуацијата за студентите е трагична. Тие доаѓаат во нов град, почнуваат нов живот, нови студии и стојат пред затворена врата и без покрив над главата во Франкфурт. За многумина ова е голем предизвик и проблем“, се жали студентката Ања Енгелхорн.

До пред неколку години таен рецепт беше студирање во источна Германија, таму имаше станбен простор на претек. Но, сега и таму се‘ се промени. На пример во Лајпциг. Преполни амфитеатри, дури и по досега неомилениот предмет- математика. Студентите седат стиснати еден до друг.

„Никогаш порано сме немале толку многу бруцоши на универзитетот во Лајпциг како годинава, слично е и на другите источногермански универзитети“, истакнува ректорот Беате Шикинг.

Назад на Запад, во Хановер. Лицата на предавањата се се‘ помлади. Сега важи-матура по дванаесет години, отпаѓа воениот рок, многумина студенти имаат 16, 17 години. Во Хановер се запишани над 4 илјади бруцоши, 40 проценти повеќе од порано. Затоа и овде нема станови ни за лек.

Блазе си му на оној кој има сместување. Студентот по медицина Абусар Ахмади нашол соба во старски дом, таму 16 апартмани се изнајмени на студенти, 250 евра за 30 метри квадратни. Собите се бараат како алва, листата на чекање е долга. Животот со старци има предности.

„Овде имате соседи подготвени за помош, тие се сосем тивки, нема врева, нема пијани, гласна музика или слично“, вели Ахмади.

Навалицата на универзитетите носи и нешто добро. Зашто, на Германија итно и‘ се потребни стручни кадри.