1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Препирки околу учеството на опозицијата на локалните избори

СДСМ нема да оди на локалните избори закажани за март соопшти денеска Андреј Петров, генерален секретар на партија. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека Петров не е во тек со она што го презема неговата партија.

По фактот дека владејачката партија со сигурност најави дека нема да има предвремени парламентарни избори, СДСМ останува на ставот дека нема да излезат на локални избори, изјави денеска генералниот секретар на опозициската партија по протестниот карван со автомобили организиран низ Скопје.

„Да, ќе ги вратиме мандатите!“, одговори Петров на новинарско прашање. „Апсолутно нема да одиме на локални избори, нема да се вратиме во парламентот, ќе ги вратиме мандатите, а целокупната одговорност за продлабочување на политичката криза, која е најголема во последните десет години, ќе оди на контото на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ“, рече Петров.

Тој додаде дека не го посакуваат тоа, но немаат намера да прифатат ултиматум од страна на Никола Груевски.

„Мислам дека се’ помали се шансите да се надмине оваа криза, поради тоа што не постои спремност од другата страна за разговор, за дијалог, нешто што би значело и уважување и на другата страна. Уште еднаш би го повторил тоа што го реков по повод изјавата на амбасадорот Аиво Орав: Оној кој што верува дека само со комисија за утврдување на инцидентот, ќе се реши политиката криза, тој или е наивен или пак нема доволно аргументи на маса“, рече Петров.

ВМРО-ДПМНЕ: непромислена изјава на Петров

На изјавата на Андреј Петров реагираа од владејачката партија, оценувајќи ја како непромислена и навредувачка кон бранителите од 2001 година, алудирајќи на зборовите на Петров кога вели дека оваа криза е најголема во последните десет години. „Во 2001-та имаше вооружен меѓуетнички конфликт, во кој луѓе гинеа за одбрана на државата. Да се поистоветува тој вооружен конфликт со политичката криза која се обидува да ја создаде Бранко Црвенковски, а чиј соучесник е Андреј Петров е ниско и надвор од разумот. Да се поистоветуваат бранителите со Јани Макрадули, со Весна Бендевска, со Радмила Шеќеринска и Бранко Црвенковски е најголема навреда што СДСМ можеше да ја смисли“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. „Изјавата на Андреј Петров во делот каде што кажува дека се покомпактни од било кога и дека ќе одат до крај со бојкотот на локалните избори, не му ја земаме за зло, бидејќи очигледно Андреј Петров не е во тек со постапките кои СДСМ веќе ги презема“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Орав: Анкетна комисија за настаните од 24 декември е многу добар предлог

Aivo Orav

Евроамбасадорот Аиво Орав

Амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав, претходно во неделното интервју на Радио Слободна порача дека во моментов во Македонија е потребен е политички дијалог. „Лидерите треба да се соберат, да разговараат едни со други и да одлучат како ќе се оди напред“, изјави евроамбасадорот Аиво Орав.

„Претседателот Ѓорге Иванов веќе имаше идеја и даде предлог за организирање на анкетна комисија и сметам дека станува збор за многу добар предлог“. Анкетната комисија според Орав може да биде многу корисна за верификување на фактите на инцидентите што се случија во и пред зградата на македонското Собрание на 24 декември и да спречи слични инциденти во иднина.