1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Преминувањето на границата- губење на квалификациите

По правило секој граѓанин на ЕУ смее да се вработи во било која друга земја членка. Така е барем на хартија. Но во праксата тоа секогаш не функционира. Проблем е непризнавањето на квалификациите

Во голем дел на Европа, па така и во Германија, поради болки во грбот, на пример, пациентот оди кај физиотерапевт или масер. Во Германија, имено, постојат и двете занимања: физиотерапевт и „медицински стручен работник и масер“. Двете занимања се во областа на терапијата. Во текот на образованието многу од подрачјата кои се изучуваат за нив се заеднички, но голем дел се и различни.

Токму со различностите и сличностите се занимаваше и Европскиот суд. Во конкретниот случај се работеше за еден Грк кој во Германија се обучувал за „медициски стручен работник“. Потоа се вратил во Грција и сакал да работи во струката. Но властите тоа не му го дозволиле бидејќи не ја признале неговата стручна подготовка. Во Грција, професија со такво име не постои. Она што би било најблизу до описот на таа професија е физиотерапевт. Но во Грција, како и во други земји, за физиотерапевт е потребна виша стручна подготовка.

Сепак, по пресудата на Европскиот суд од 27 јуни, Грција е должна на масерот со германско образование барем делумно да му ги признае квалификациите и да му овозможи пристап на пазарот на трудот. Како оваа пресуда ќе изгледа во пракса, засега не е познато.

Тешкотии кај одредени професии

Овој е пример е само еден од многуте. Иако по правило секој граѓанин на ЕУ може да работи во било која професија, пречките во пракса најчесто се однесуваат на непризнавањето на квалификациите и фактот дека се работи за специфични системи на образование во секоја земја-членка.

Некои експерти, како Елизабет Зоненшајн од Бирото за образование во

странство, смета дека овие пречки служат и за заштита на потрошувачите.

„Пациентот кој треба да оди на физиотерапија има целосно право да очекува дека ќе добие третман од некој кој е квалификуван како што предвидува струката“, вели таа.

Кога се во прашање голем број професии, тоа е многу едноставно. Но многу занимања, според образованието, се разликуваат од земја во земја. Од 2005. во ЕУ е во сила упатството за признавање на професиите. Но тој се однесува само на професиите кои се регулирани со него, а во кои спаѓаат и квалификациите поврзани со здравството. За поголемиот дел од нив, квалификациите се признаваат без проблеми, но како што покажува случајот на грчкиот државјанин, не за сите.

Сето тоа мириса на уште повеќе бирократија, шетање по канцеларии и собирање печати. Сепак, тоа не важи за големото мнозинство професии. Па така, еден шпански готвач може да дојде во Германија и да застане зад шпоретот без притоа да мора да ја нострифицира својата диплома.