1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Премиер лигата како сон

Фудбалската репрезентација на Македонија денеска ја очекува ново искушение-натпревар во Глазгов против Шкотска. Еден од клучните играчи на Македонија е Горан Попов, кој во оваа сезона ќе игра во англиската Премиер лига.

Англиската Премиер лига е предизвик и сон и за играчи од фудбалски и најразвиените средини. Горан Попов, пред неколку дена го реализира трансферот во ВБА, еден од најстарите англиски клубови. Стоук Сити беше животно заинтересиран за репрезентативниот бек на Македонија, но клубот од Бирмингем беше повешт во обезбедувањето на работната дозвола.

Попов ги демантира шпекулациите дека во Англија ќе настапува со бугарски пасош: „Ова ми беше голема одамнешна желба. Сега ми се исполни и среќен сум што добив работна виза, бидејќи тоа беше тешка пречка. Вест Бронвич Албион тоа го среди за само еден ден со помош на нивните адвокати, со помош на тренерот и на Управата на клубот. Работната виза ја добив со македонски пасош и таму сум регистриран како македонски фудбалер“.

Фудбал, кој во целост му одговара

Dynamo Kiew gegen Braga Portugal im Municipal Stadion

Горан Попов во дресот на Динамо Киев

Попов во октомври ќе наполни 28 години. Роден е во Струмица, изданок е на успешната фудбалска школа на Беласица. Рано, како тинејџер го започна своето фудбалско патешествие. Го носеше дресот на грчките тимови АЕК од Атина и Егалео, имаше успешни три сезони во Холандскиот Херенвен. Од 2010 е во славниот Динамо од Киев. Сепак, англиското фудбалско поднебје за него е нешто посебно: „Познато е каков е англискиот фудбал. Начинот на кој таму се игра, мене во целост ми одговара. Знам како е да се игра и пред англиската публика, а и тоа ми одговара, бидејќи тие знаат да ги бодрат играчите. Таквата атмосфера е многу мотивирачка, да се игра најдобро“.

Практично, Попов се’ уште е во сопственост на Динамо од Киев. За украинскиот фудбалски гигант го врзуваат убави спомени:

„Имам добри спомени со Динамо од Киев. Играв многу, за мене незаборавни мечеви, кои ќе ги паметам засекогаш. Тоа се натпреварите од европските купови против Стоук Сити, против Ајакс... Дресот на Динамо не се заборава. Минав прекрасни две сезони во Киев. Сега сум на позајмица во ВБА, но се надевам дека Англичаните ќе го откупат мојот договор“.

На поправен испит против Шкотска

Mazedonien Fußballnationalmannschaft

Македонската фудбалска репрезентација

Своето деби за ВБА, Попов ќе го има следниот викенд против Фулам. Ќе го носи дресот со број 4. Но, првото соочување со своите идни клупски колеги Морисон и Доранс ќе се случи во Глазгов. Денеска, на стадионот „Хемпден Парк“ ќе играат на спротивните страни, во дресовите на Македонија и на Шкотска.

Жал му е што добрата игра во Загреб не беше крунисана со подобар резултат. Но, ја истакнува добрата атмосфера во националниот тим и се надева на подобар резултат против Шкотска: „Првото запознавање и одмерување на силите со моите идни клупски колеги ќе ги имаме во дресот на репрезентацијата во Глазгов. Шкотска има добра репрезентација, но и ние имаме добар тим. Тоа е комбинација на искусни и на млади играчи. Во Загреб добрата игра против Хрватска не беше крунисна со успех. Сега се подготвуваме за Шкотланѓаните. Добра е атмосферата, добро тренираме и во моментов тоа е најбитно“, вели Попов.

Горан Попов е 4-от македонски фудбалер, кој ќе настапува во англиската Премиер лига. Денеска против Шкотска, по 43-ти пат ќе го носи дресот на репрезентацијата на Македонија.