1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Премиерката во бегство од демонстрантите

Ситуацијата во Бангкок и натаму се заострува: Има мртви и повредени, а премиерката мораше да биде засолнета од демонстрантите. Полицијата пак употреби солзавец и водени топови против противниците на владата.

При судирите меѓу приврзаниците и противниците на тајландската премиерка Јинглак Шинаватра во Бангкок повторно е убиено едно лице. Според официјални наводи еден 43 годишен приврзаник на властите починал од прострелна рана. Инцидентот се случил недалеку од спортскиот стадион, каде беа собрани илјадници поддржувачи на премиерката. Во близина на тоа место и вчера беше убиено едно лице, а многумина демонстранти беа повредени.

Ситуацијата во главниот град на Тајланд со денови е тензична. Денеска (01.12) противниците на владата ги прошируваат на протестите и навлегуваат во повеќе државни институции, меѓу нив и во седиштето на владата. Десетици илјади од различни места се упатиле кон зградата на владата. За да се запре нивната намера, полицијата за првпат презема масовни акции против демонстрантите. Освен ова владата на улиците испрати 2.700 војници - за првпат од почетокот на протестите. Војниците меѓутоа не биле вооружени.

Премиерката на Тајланд Јинглак Шинаватра денеска мораше да биде заштитена од разгневените демонстранти и да биде засолнета на безбедно место. Според податоци на соработници на нејзината канцеларија демонстранти навлегле во просторот на еден спортски клуб на полицијата, каде се наоѓала Јинглак. Таа го напуштила објектот и била пренесена на друго место.

Јинглак Шинаватра е сестра на поранешниот премиер Таксин Шинаватра, кој во 2006 година беше соборен од власта поради обвинувања за корупција. Демонстрантите ја обвинуваат Јинглак дека била само марионета на брат ѝ, кој се наоѓа во егзил, и бараат нејзина оставка.

Последниве протести се разгореа откако владата поддржа закон за амнестија, кој ќе му овозможеше на Таксин да се врати во татковината. Владејачката партија во меѓувреме се откажа од овој закон.

Тајланд од падот на Таксин Шинаватра до денес е длабоко поделено општество и тоа во изминатите години повеќепати доведе до владини кризи.