1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Преку Јејл до градоначалник на Москва?

На 8 септември годинава, Москва ќе го бира новиот градоначалник, а Мајкл Капело, директорот на Светската програма за стипендии на Јејл,со интерес ќе ги следи изборите.Кандидат е еден од неговите дипломци, Алексеј Навални

37 годишниот блогер е главна личност во руската опозиција од која дел е образована во Америка. Кандидатурата за градоначалник е врв на неговата досегашна кариера. „Светската програма за стипендии на Јејл е особено горда што Навални е еден од нејзините дипломци“, веки Капело за Дојче веле. Американскиот универзитет го поддржува Навални во неговата надеж дека ќе го отвори патот кон демократијата во Русија.

Инкубатор за идниот водач

Навални ја напушти Москва во август 2010 и отиде на четири месеци во Њухејвен во американската држава Конектикат. Веќе тогаш беше познат активист на интернет. Стипендијата од Јејл беше чиста среќа, напишал на неговиот блог. „Беше кажано дека се пријавиле 1.000 кандидати за 15 места“. Но, не била само среќата заслужна, тој ја добил стипендијата благодарение и на препораката од поранешниот светски шампион во шах и опозициски лидер Гари Каспаров.

Светската програма за стипендии постои од 2001 година и нуди курсеви по филозофија, светска политика и економија. Програмата се гледа како инкубатор кој создава идни лидери. Избраните кандидати се најчесто успешни политичари, бизнисмени или новинари кои доаѓаат од разни краишта на светот, односно луѓе „на кои им претстојат големи успеси“, објаснува Капело.

Blogger Alexej Nawalny an der US-Universität Yale 2010

Навални се надевал дека на Јејл ќе научи како да ги подобри своите активности против корупцијата

Поранешните дипломци од Јејл, како политичарот од Берлин, Сергер Лагодински, потврдуваат дека Навални се вклопува во описот. „Веќе по првиот контакт со него имате впечаток дека би можел да стане лидер на опозицијата“, вели Лагодински за Дојче веле. Самиот Лагодински потекнува од Русија и се кандидираше од кај Зелените на изборите во Германија во септември.

Борба против корупција

Тоа што Навални го донесе на Јејл е неговата борба против корупцијата. Пред да ја добие стипендијата, блогерот стекна репутација борејќи се против корупцијата со руските државни службеници. Се надевал дека на Јејл ќе научи како да ги подобри своите активности против корупцијата.

Уште на почетокот почнал да ги применува новите вештини. „Додека ние останатите за време на пауза си правевме муабет меѓусебе, Алексеј седеше со својот компјутер во скут и го пишуваше својот блог“, се сеќава Лагодински. Додека бил се` уште на Јејл ја обвинил државната нафтена компанија „Транснјефт“ дека ставала милијарди во џеб за време на изработката на проектот за гасоводите преку Тихиот Океан. Таа приказна подоцна е наградена како најдоброто блогерско истражување.

Michael Cappello, Yale-Universität

Мајкл Капело: „Светската програма за стипендии на Јејл е особено горда што Навални е еден од нејзините дипломци“

Мало меѓународно искуство

„Тоа што на почетокот ме воодушеви кај Алексеј е неговата моќ за аналитичко размислување“ вели Капело. Во тоа време, видел дека Навални има многу мало искуство од странство. Неговиот престој на Јејл имаше добар ефект. “Имаше можност да ги види работите многу појасно отколку од дома“, вели Капело.

Навални себе се гледа како „умерен националист“. Неговото учество во маршевите на поддржувачите на руското десничарско крило и денес предизвикува контроверзии. Политичарот од Зелените, Лагодински, вели дека често разговарал за тоа со Навални додека биле на Јејл. Се работело за неговиот поглед кон религиската разновидност, мултукултурализмот и исламот. Тој не го делел мислењето на Навални но сметал дека е разбирливо за еден блогер да се претставува како конзервативен политичар. За време на кампањата за градоначалник на Москва тој ќе се обиде да добие поени со тоа што ќе бара задолжителни визи за сите мигранти кои дошле од централна Азија.

Без тренинг за дисидент

Навални, главно не го истакнува своето образование од американскиот универзитет, бидејќи не сака да биде гледан како прозападен кандидат. Критичарите го обвинуваат дека на Јејл е образован да биде револуционер. Лагодински ги одбива тие тврдења како глупости, со коментар дека дискусиите на Јејл биле насочени кон филозофијата и смислата на животот, а не како да се организира политичка кампања. Капело исто така ги отфрла тие обвиненија. “Наша намера не е да го поддржиме да ја смени владата“, вели тој.

Нема шанса да победи на изборите

Навални е вториот дипломец на Јејл во својата генерација кој се бори за местото градоначалник. Неговиот поранешен колега од Велика Британија, Марвин Риз, учествуваше на изборите за градоначалник на Бристол во 2012 година, и заврши на второто место по освоени гласови. Сличен резултат се очекува и од Навални. Анкетите покажуваат дека ќе биде втор, далеку под чиновникот Сергеј Собјанин.

Russland Alexej Nawalny in Moskau 20.07.2013

Критичарите го обвинуваат дека на Јејл е образован да биде револуционер

Во исто време, на Навални и понатаму му се заканува затворска казна. На средината на јули е осуден на пет години затвор поради тужба за деловна измама. Слободен е само затоа што се чека пресудата да стапи на сила. Дури и ако победи на изборите, затворот најверојатно ќе го спречи да стапи на функцијата.