1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Преку смирено сведочење на православието- до признавање

Интервју со владиката Пимен,администратор на Европската епархија на МПЦ,што го водеше Нада Штајнман

default

Македонската православна црква во целата своја историја одигра голема улога за зачувувањето на македонскиот идентитет и тоа го прави секако и за идентитетот на Македонците во странство.Но,има малку изградени македонски цркви во странство.Македонските верници често одат во руски или во грчки цркви.Дали е проблемот во добрата организација или во нешто друго?

Не е никаков проблем македонските верници да одат во било која православна црква,православието треба да биде наднационално и нашите луѓе со тоа покажуваат дека не се тесногради и дека не поистоветуваат вера со нација,меѓутоа оправданост на мисијата на црквата ќе ја имаме во оној момент кога човекот на свој сопствен,разбирлив,мајчин јазик може да го слуша словото Божјо,зашто само на тој начин би имало резултати кога човек на својот мајчин јазик се запознава со вистините на православната вера.Не станува збор за неорганизираност,можеби повеќе некој отпор кој што го имаме,зашто Европската епархија функционира според уставот на МПЦ,се раководи од свој статут и правилник на црковните општини,меѓутоа во Европа има повеќе држави,со различни закони,така што не можат секаде да се имплементираат овие правилници и статути,на многу места сеуште се бараат решенија за да се дојде до изградба на своја црква и формирање црковни општини.

Рековте дека православието е едно,но праксата покажува друго,токму во црквите македонските верници на своја кожа го доживуваат спорот меѓу МПЦ и СПЦ.Дали вие од вашите контакти овде во Германија имате можност да влијаете на разрешување на тој спор,што се однесува на автокефалноста,дали Германија ја признава автокефалноста на МПЦ и воопшто во контактите со германските и европските институции наидувате на отпори?

Со самото тоа што Германија,ја посочивте како пример,ни дава можност да ги формираме нашите црковни општини и да имаме право една од дејностите да биде и религиозната,да можеме да повикуваме наши свештеници да доаѓаат за поголемите празници,да служат во закупени храмови,значи дека има разбирање и дека де факто сме признати и од страна на германската држава.Секако тука доаѓа и помошта од Католичката црква,која ни позајмува храмови за собирање и служење,исто така и од Евангелистичката црква,со која имаме одлична соработка.

Но,признавањето на МПЦ не зависи само од признавањето од другите световни фактори,туку концептот за добивање на автокефалниот стстус треба да го добиеме во нашите разговори со црквата од која посебно сме се откинале,во црковниот јазик го употребуваме терминот „мајка црква“,односно црквата која последно имала јурисдикција врз просторите каде што се формира нова црква или да се добие од првата по чест патријаршија,односно Цариградската патријаршија.Од наша страна секогаш останува отвореноста, а и според последната одлука на Саборот на СПЦ кој заврши неодамна,во официјалното соопштение стои дека и тие се подготвени на продолжување на дијалогот.Зашто ова што го имаме сега во случајот со правење паралелна црква во нашата црква од страна на поранешниот митрополит Повардарски,Јован,во историјата на православната црква е непознат таков концепт на решавање на проблемот.Одредено време секоја од и денес постоечките православни цркви поминала период на шизма,односно на раскол со останатите цркви,но секогаш со меѓусебни разговори се изнаоѓало решение за таа црква да добие свој автокефален статус.Верувам дека нема да го достигнеме рекордот на Бугарската православна црква која 80 години била непризната од останатите цркви,туку смирено сведочејќи го нашето постоење ќе го дочекаме денот кога нашата афтокефалност ќе биде призната од сите православни сестрински цркви.

Вие секако доаѓате со идеи и со визии за вашата нова задача,како епископ,администратор на Европската епархија на МПЦ.Што сакате да постигнете на оваа должност?

Мојата цел и мојата задача тука е смирено да го сведочиме изворното православие заедно со нашиот верен народ,да се застапуваме да живееме христијански,да бидеме организирани во нашите црковни општини и на тој начин да постигнеме резултати со кои би можеле да се мериме со останатите православни цркви,да покажеме дека во ништо не се разликуваме, и покрај нашата непризнатост од нив,од останатите христијани.Ако тоа го постигнеме,барем приближно до оние кои ги постигнале останатите христијански цркви,тогаш со право ќе можеме да застанеме рамо до рамо со нив и да бараме да бидеме вклучени во сестринството на сите православни цркви.

Понекогаш црковниот и световниот живот се испреплетуваат,во Германија не се слуша често за МПЦ,но се слушна кога стануваше збор за случајот Јован.Дали во вашите контакти со претставници на германските цркви или воопшто овде во Европа ве прашуваат за него,каков е вашиот став?

Сеуште не сум се сретнал со вакво прашање поставено од световните власти на Германија или било која друга земја во Европа.Лично сметам дека тоа беше во почетокот судир на концепти.Неговиот концепт за решавање на проблемот барем како што изјавуваше самиот Јован,беше дека на тој начин го гледа надминувањето на расколот,само ако се влезе во парцијално единство со СПЦ.Мојот став,како и ставот на останатите браќа архереи,членови на Светиот синод на МПЦ,е дека ако го решаваме проблемот,треба да го решаваме за сите верници заедно,задно со целокупниот клер на МПЦ,а не со преминување на еден по еден.Затоа не го оправдувам неговиот концепт,да го земеме и самиот факт што еве веќе неколку години наназад тој го направи преминувањето ,а колкав е успехот,колку луѓе има на неговата страна,колку верници имаме на нашата страна.Ако се продолжи со тоа тепмо,значи уште милион години не би се решил проблемот со расколот,туку само со продолжување на дијалогот и со искрена желба да се надмине расколот,не само од наша туку и од страна на преговарачите од СПЦ ,гледам дека може да дојде до решавање и натамошна соработка.

СПЦ сега ќе се соочи со уште еден нов предизвик.Со отцепувањето на Црна Гора се појави и проблемот со автокефалноста на црногорската црква.Црногорската и македонската црква наводно започнале преговори заедно да го одат патот на автокефалноста.Дали е тоа можно или секоја за себе треба да си го изоди патот?

Мислам дека не се наоѓаме во иста ситуација и затоа и не можеме заедно да го решаваме нашиот статус,од едноставна причина што ние сме имале начелна согласност уште во 1967 година за да бидеме самостојна црква со сопствен поглавар.СПЦ тогаш и донела одлука да прекине да важи нејзиниот устав за епархиите во Македонија.Врз основа на тој акт ние сме се организирале како црква со востановено свештенство и запазен поредок на свештенството.За во Црна Гора сметам дека допрва треба да создаваат свој сопствен клер и проблемот на нивната самостојна црква е малку поразличен од нашиот,секој од нас треба посебно да го решава својот статус,проблемите се различни,како што е различен на пример проблемот на Украина со Руската православна црква.

Ја спомнавте Руската православна црква,како воопшто таа се однесува кон МПЦ?

Со Руската православна црква официјално немаме заеднички сослуженија,како ни со никоја од останатите признати православни цркви,но ставот на Руската православна црква веќе не е тајна,таа ни дава голема поддршка и се нуди дури да биде и посредувач во решавањето на спорот.Во неколку свои интервјуа рускиот патријарх Алексеј втори отворено не поддржува и нуди посредништво ако затреба.Но тие не можат директно да ни го решат проблемот,ниту можат да го решат статусот,зашто тој,како што спомнав,треба да се реши или со СПЦ или другиот концепт,кој го протежира Цариградската патријаршија,добивање автокефалност од неа како прва по чест.

Како се однесува Цариградската патријаршија кон МПЦ?Дали добивате пошта од нив или некој ви се јавува или едноставно ве игнорираат?

Имаме разговори и контакти со Цариградската патријаршија,зашто во времето кога отпочна решавањето на нашиот автокефален статус ние имавме паралелно контакти,се обидовме преку двата концепти.Го отфрливме оној за решавање на нашиот статус со Цариградската патријаршија од едноставна причина што тоа е црква од грчка провиниенција,Цариградскиот патријарх е Грк по националност и веднаш таму се поставуваше прашањето за името на нашата црква.Знаеме дека додека не се реши проблемот со името на нашта земја,ние не би имале мандат да преговараме за името на нашата црква со Цариград,затоа го прекинаваме дијалогот,но комуникацијата продолжува.

За монасите воопшто е голема работа да се отиде на Атос,дали нашите монаси одат таму слободно?

Имаме некои патувања на Света Гора,некои од нашите монаси кои претходно биле во некој од манастирите на Света Гора влегуваат и комуницираат,меѓутоа неофицијално.Владиката Струмички Наум беше монах на Света Гора осум и пол години,потоа беше повикан да биде хиротонисан за митрополит на Струмичката епархија,исто и сегашниот владика Климент,епископот Хераклејски,беше таму.Продолжуваат и натаму контактите,но за жал по проблемот кој се јави со паралелната хиерархија и формирањето на т.н. православна Охридска архиепископија од страна на владиката Јован веќе се отежнати нашите патувања на Света Гора.Проблем на наше влегување на Света Гора мислам дека не е од луѓето кои ги водат манастирите,колку што врз нив се врши притисок.

Какви се контактите со Бугарија,како функционираат односите?

СО БПЦ, зависно со кого,со некои од нивните епископи имаме добри односи и соработка,се посетуваме,контакрираме,но со дел од нив не,тие се ставиле на страна на т.н Православна Охридска архиепископија.Досега контактите со бугарската црква одеа добро и бев зачуден со последното случување во Елванген кога во последен момент БПЦ откажа да бидеме заедно на Молебенот кој се служеше по повод 10-годишнината од поставувањето на спомен плочата на местото каде Свети Методија три години од својот живот поминал во тој затвор.По барање на градоначалникот на Елванген требаше да имаме заедничко сослужување,ние направивме отстапки,дадовме согласност,каде што може да богослужиме на црковно старословенски јазик, кој бил претходно заеднички и за нашата и за нивната црква,но ден пред сослужувањето добивме известување дека тие немаат благослов да бидат заедно со нас на тоа богослужење.

Нада Штајнман