1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Преку оперите на Вагнер до нова љубов

Рихард Вагнер е роден во Лајпциг, пред точно 200 години. Неговите дела, заедно со оние на Моцарт и Верди, се најизведувани во германските опери. А бројот на опери во Германија изнесува 84!

Рихард Вагнер - светот на музиката периодов се врти околу него, а еуфоријата стигнува се‘ до Липерланд, на западот од Германија. Барнтруп - гратче со 9000 жители. Овде се‘ си има свој тек и не се случува речиси ништо.

Но, овде има обожаватели на Вагнер, како на пример - Карл-Вилхелм Валтер. Електромашинскиот инженер е на пат кон театарот Детмолд.

Треба да вози само 20 минути за да го доживее Вагнеровиот монументален циклус „Прстенот на Нибелунзите“.

„Пред неколку години театарот Детмолд почна со инсценирање на ’Прстенот’, а со оглед што тој се наоѓа близу моето место на живеење одам на многу претстави во Детмолд. Имав можност повеќе пати да го слушнам целиот ’Прстен’ и навистина да го запознаам. Оттогаш сум голем почитувач на Вагнер“, вели Карл-Вилхелм Валтер.

Со оглед на тоа што Валтер по неколку пати присуствувал на голем број претстави, денес може да биде присутен на пробата за Вагнеровата опера „Тристан и Изолда“.

„Тристан и Изолда“ чезнеат за спасение од се‘ земско преку вечна љубов. Режисерот во провинција тоа треба да и‘ го доближи на широката публика - од професор до земјоделец. Кај Мецгер:

Richard Wagner

Портрет на Рихард Вагнер

„Треба да се најде раскажувачка форма која ќе создаде мост до публиката за таа да може да се ориентира во комплексното дејство. Од друга страна, се разбира, има и табуа. Ако е премногу радикално, премногу депримирачки, премногу порнографски, тогаш публиката тоа сигурно нема да го сака.“

Театрите како во Детмолд се „ковачници“ на таленти за Вагнерови ѕвезди ширум светот. Јоана Конефал - Изолда - овде се кали. Нејзиниот глас се‘ уште не е доволно силен за таканаречените оперски куќи од А категорија, како Минхен или Цирих.

„Се разбира, на 29-годишна возраст никој нема да ме ангажира во А-опера за вакви големи улоги како Изолда и воопшто за главни улоги. Мора да се почне во опера од средна категорија, како Детмолд, па потоа да се напредува“, вели оперската пејачка која е во улога на Изолда.

Карл-Вилхелм Валтер е сведок на сето тоа и дури и на повеќе од тоа. Како постојан гостин во Детмолд еден ден почнал да флертува со Ерда од „Прстенот на Нибелунзите“. Сега тој и пејачката се пар. Приказна која би му се допаднала на Вагнер.