1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Преку ОН до сопствена држава за Палестинците?

Раководството на Палестинците денеска поднесува барање до Генералното собрание на ОН за признавање на палестинска држава. Петер Филип, анализирајќи ја состојбата, се сомнева дека е тоа вистинскиот пат.

default

Палестинците не се откажуваат од својот сон

По 20 години мировни преговори со Израел, кои не донесоа речиси никаков резултат, јасно е дека Палестинците  со барањето за своја држава сакаат да предизвикаат придвижување на блокираните преговори со тоа што ќе ги придобијат на своја страна симпатиите на меѓународната заедница. Пред една година американскиот претседател Барак Обама, по средбата со Махмуд Абас, претседател на Палестинците, оцени дека „претстои многу работа, за да се постигне решение со две држави“ за блискоисточниот конфликт - „Израел, безбеден и признат од соседите“, и држава на Палестинците, за да можат „сами да си ја уредуваат својата иднина“. Една година е доволна за да се постигне таа цел, оцени тогаш Обама. Прогнозата се покажа како погрешна. Сега Абас сака да ги земе работите во свои раце, барајќи прием на Палестина во ОН за со тоа да ја засили својата позиција како во идните преговори, уште повеќе на меѓународен план.

Националистичката израелска влада предводена од премиерот Бенјамин Нетанјаху решително го отфрла потегот на Махмуд Абас и во тоа има подршка од САД и Германија. „Ние сме за решение со две држави“, вели канцеларот Ангела Меркел, но додава „за тоа решение мора да се работи. Ние не веруваме дека едностарни чекори можат да бидат од полза“.

Protest in Bilin

Прием во ОН би ја подобрил позицијата на Палестинците

Махмуд Абас опстојува врз тоа, дека патот што го одбра е целосно легитимен и дека тоа не се еднострани чекори што би го прејудицирале исходот на преговорите: „Ова не е во противречност со принципите на преговорите, туку се базира врз меѓународното право“.

Некогашниот главен преговарач од палестинска страна Саеб Ерекат оценува дека евентуалниот прием на палестинска држава во ОН би го променил законскиот статус на земјата: „Тогаш тоа би била држава под окупација на земја-членка на ОН“. А според повелбата на ОН, има голема разлика ако една членка окупира друга во рамките на нејзините признати граници, нагласува Ерекат.

Ова е колку едноставна, исто толку и уверлива логика. Се разбира, во таков случај преговорите со Израел би биле кренати на ново ниво - не меѓу држава и автономни власти, туку меѓу две држави. Кога и да дојде повторно до такви преговори, од нив треба да произлезе решение со две држави, се нагласува и од Ерусалим, Вашингтон и Берлин. Но, досега ни САД, ниту Европејците или „блискоисточниот квартет“ не понудија остварливи предлози за обнова и успех на преговорите.

Дали е патот преку ОН алтернатива?

ОН по правило не основа нови држави, туку решава за прием на постоечки. Но, држава „Палестина“ нема и никогаш немало. ОН во 1947 година донесоа решение за поделба на областа Палестина на една еврејска и една арапска држава. Веќе наредната година е прогласен Израел, но арапска држава не настана. Четириесет години подоцна, во 1988, тогашниот шеф на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) Јасер Арафат во Алжир, од бегалство, прокламира „основање на државата Палестина“, но без јасно дефинирање на нејзината територија: окупираните подрачја, Израел - или обете. ПЛО, по договорите од Осло, се врати во татковината, но не прогласи држава, туку до ден-денес ознаката е “Палестински национални власти“.

Palästinenserpräsident Mahmud Abbas bei der PLO

Претседателот на Палестинците Махмуд Абас

Дополнителни потешкотии создава актуелната географска и идеолошко-политичка поделба на палестинските подрачја: на Западниот Брег на реката Јордан владее ПЛО, во појасот Газа-исламистичкото движење Хамас, кое отфрла било какво признавање на Израел и се противи на мировен договор. Махмуд ал-Захар, министер за надворешни работи на владата на Хамас, е согласен за востановување држава Палестина, но на сите делови од областа: „Да нема недоразбирања. Палестина значи цела Палестина, а за Израел нема место во нашето средиште“.

Песимизам - со основа

Махмуд Абас, пак, неуморно уверува дека смета на две држави во границите од 1967, значи пред избувнувањето на „шестдневната војна“. Израелската влада не реагира на ова, туку се подготвува за евентуални безредија на Западниот Брег, што би и’ послужиле како натамошен доказ дека наводно не е можен мировен договор со Палестинците. Дури ни со Абас, чија позиција натамошно би заслабнала со нова ескалација на насилство, а непомирливите елементи, како Хамас, би излегле засилени од некој нов конфликт. Со тоа решението би било уште помалку веројатно. Затоа Роберт Сири, специјален пратеник на ОН за Блискиот Исток, од пред некое време е песимист: „Ако дојде септември и обете страни се’ уште не најдат соодветна формула за да дискутираат за решението со две држави, тогаш сум загрижен, поради фрустрацијата, што ја чувствувам во Рамалах, Хеброн и другите места“.

Автор: Петер Филип/ Зоран Јорданоски

Редактор: Жана Ацеска