1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Преку неформално образование до подобри шанси за вработување

Неформалното образование претставува важен сегмент за стекнување на дополнителни вештини. Македонија се приклучува кон концептот на доживотно учење, но неформалното образование се’ уште е на почетокот, велат експертите.

default

Колку се учи по завршување на факултетот?!

Во последните неколку години младите се’ повеќе се ангажираат за неформалниот вид на образование. Стануваат свесни дека не е доволен само факултетот и дека е многу важна активноста надвор од универзитетите.

Антоанета Иванова е претседател на невладината организација Млади инфо. По низата обуки кои ги посетила во делот на неформалното образование, таа сега во организација на Млади инфо спроведува тренинзи, преку кои младите учат како да раководат со проекти, да формираат невладина организација или како да креираат веб страници.

За состојбата на неформалното образование во Македонија, Иванова вели: „Во Македонија како неформално образование многу малку се нуди. Во најголем број сучаи тоа го нудат организации или невладини организации кои што се наменети за млади, кои што ја сфатиле потребата дека неформалното образование е навистина корисно за добивање на дополнителни вештини кои што понатаму младите можат да ги искористат во процесот на барање на работа, или во добивање на нови вештини кои нема прилика да се стекнат во делот на формалното образование“.

Таа истакнува дека младите се’ повеќе сфаќаат дека потребно е да се ангажираат и да бидат активно вклучени во тренинзи и обуки кои овозможуваат стекнување на такви знаења. „Можам да кажам дека сум задоволна бидејќи нашата организација во изминатите неколку години успеа да обезбеди можност која младите можат да ги добијат бесплатно“, објаснува Иванова.

Мала застапеност на неформалното образование во однос на развиените земји!

Изборот за стекнување на вештини и надградување на искуствата сега е доста поголем, вели Коста Мицковски, генерален менаџер на агенцијата за финансиска

Kosta Mickovski

Коста Мицковски, генерален менаџер на агенцијата за финансиска писменост Синергија плус

писменост Синергија плус. Тој е дел од тимот предавачи кои држат обуки како да се менаџираат личните финансии.

Тој смета дека неформалното образование во Македонија е многу малку застапено во однос на развиените економии: „Сега младите многу побрзо сфаќаат дека во неформалното образование многу често се стекнуваат оние вештини кои не се добиваат во формалното образование. Ако формалното образование е создадено на луѓето им даде професија, тогаш тие во неформалното образование треба да ги стекнат вештините кои што ќе им помогнат тоа вработување да го најдат и потоа да го задржат. Знаеме дека во бизнисот, сопствениците бараат пракса, а не сакаат многу теорија. Ако ги прашате студентите ќе ви кажат дека главниот недостаток на системот на формалното образование, е дека малку од тоа што таму се учи е применливо во реалниот свет“, истакнува Мицковски.

Македонските вработени не се вклучуваат доволно во дополнителни обуки

Во ЕУ најмалку една третина од активната работна сила е предмет на која било форма на неформално образование. Во Македонија тој процент варира од 10 до 15 проценти, вели доцент д-р Леонид Наков од катедрата за менаџмент на економскиот факултет во Скопје.

Prof. Leonid Nakov

д-р Леонид Наков од катедрата за менаџмент на економскиот факултет во Скопје

Тој држи предавања и во делот на неформалното образование, и е единствен национален тренер во Македонија на светски признатата методологија за менаџмент, лидерство и управување со промени и има обучено над 330 менаџери: „Тоа значи дека македонските вработени се’ уште недоволно се вклучуваат во т.н. дополнителни, стручни, тесно специјализирани програми за зголемување на својата способност за извршување на работата. Концептот на неформалното образование на преден план исфрла исклучително значајна димензија, која е многу видлива во Македонија, а тоа е дека еден сегмент на активната работна сила не ги поседува потребните квалификации за да може да го искористи целосниот капацитет на технологијата, на организацијата на работа, потенцијалот на целиот пазарен сегмент кој се опслужува и т.н. Тоа е едната страна. Од друга страна важно е дека во сите компании мора да се оформат фондови кои ќе бидат наменети за зголемување на степенот на стручна оспособеност за извршување на работата на нивните вработени“.

Помош од државата во програми за обуки

Малите претпријатија кои вработуваат најголем дел од активната работна сила, немаат капацитет да издвојат доволно средства за доквалификација на нивниот кадар, вели професор Леонид Наков.

Тој смета дека улогата на државата треба да се зголеми, во создавањето на т.н. национално кокурентни гранки: „Јас ќе наведам неколку меѓународни искуства. Во зависност од тоа колку некоја државата ја поседува онаа социјална компонента на

Doktorhut mit Diplom

пазарот на трудот, постојат редовни практики на субвенционирање на дел од трошоците за дополнителните програми за обуки, на преквалификации, доквалификации, промени на стручните профили на кадри и т.н. Значи идејата на програмите за неформално образование е државата постепено да го зголеми системот на субвенционирање во оние граки во кои, со пристапувањето на Македонија кон европското семејство ќе бидат конкурентни најнапред на домашниот пазар, а потоа треба да се размислува и за освојување на меѓународните пазари и економии“, објаснува професор Наков.

Тој додава дека во системот на неформолното образование многу често постои и погрешно информирање за потенцијалите на одредени програми за неформалното образование и многу често не се соопштуваат однапред, финалните вештини кои би се стекнале.

„Исто така постојат доста примери на злоупотреба со карактерот на дипломите и сертификатите, уверенијата кои се издаваат. Затоа многу е значајно да се направи една национална категоризација на тоа кои програми за неформално образование имаат т.н национален степен на значајност, односно приоритетност и овде мораат да влегуваат програмите кои се меѓународно сертифицирани и програмите кои имаат активно содејство со некои претпријатија.“

Од голема важност е знаењата, искуствата и квалификациите да бидат практично применливи, заклучува професор Наков: „ниту еден сертификат нема да ја има употребната вредност во компаниите доколку тоа не се преточи во т.н. пазарна препознатливност, бидејќи тоа е првиот чекор во создавањето на конкурентската способност на претпријатието и дури потоа создавањето на нејзината конкурентска предност.“

Автор: Владимир Калински

Редактор: Александра Трајковска