1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Преку личните примери против расизмот во спортот

„Како да се надмине етничката дискриминација и расизмот во регионот на Балканот?“, на оваа тема се дебатираше во Скопје на симпозиумот инициран од Македонскиот центар за култура и развој, од ФФМ, а во соработка со УЕФА.

default

Фудбалот без сомнение е едно од најсилните жаришта за распламтување на страстите, беше лајт-мотивот на мноштвото од гледиштата на учесниците на семинарот од целиот овој дел на Европа. Во Македонија, девијациите и етничката дискриминација се присутни и доаѓаат главно од навивачките групи со различен, македонски и албански етникум, вели Иван Анастасовски, кој е професор, пратеник и фудбалски работник. Правилници и закон постојат, но тие во пракса не се применуваат. „Јас одговорно тврдам дека законот не се спроведува во Македонија, а тој е клучот во оваа борба. Претпоставувам дека со разни дебати и поддршка од медиумите може да се долови до граѓаните дека законот постои, бидејќи нашето истражување покажа дека 27 отсто од нашето население, што Албанци, што Македонци не знаат дека тој закон постои.“

Дискриминација постои насекаде

Logo UEFA

Патрик Гасер, високиот претставник на УЕФА вели: „Факт е дека тенденциите на дискриминација се присутни насекаде низ Европа, а не само на Балканот. На Балканот само видот на дискриминација е поразличен и тоа претставува социјален феномен. Мишел Платини вели дека со фудбалската топка во нашите нозе, сите сме еднакви.“

Колку ова важи за Босна и Херцеговина, земја која до скоро беше во меѓуетничка војна? Амила Карачиќ, смета дека се чувствува мало позитивно поместување во однос на надминување на тензиите. „Можам да кажам за тоа што е очигледно, што може да се забележи на стадионите, особено на фудбалските, дека се чувствува подобрување на состојбата. Мислам дека за тоа придонесува соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и надлежните спортски министерства, но и подигањето на свеста на граѓаните. Спортот треба да биде кохезивно средство, кое ќе ги спојува луѓето. Ние во БиХ на фудбалот гледаме како на средство, кое ќе помогне луѓето од трите етнички заедници да можат да најдат заеднички јазик.“

Проблемите да се отстрануваат тековно

Нелко Нелковски од Македонскиот центар за култура и развој е со став дека треба да се инсталираат механизми, кои ќе го

Fußballtor

третираат проблемот. „Ова не е проблем кој може да се реши со еднозначен потег, туку е потребно да се направи механизам кој перманентно ќе го сервисира проблемот. Тоа значи дека општеството мора да дизајнира системи кои нема да дозволат да има проблеми на терените, а ако ги има тогаш брзо и прецизно да ги казнат сторителите.“

Долг и тежок е патот за отстранување на дубиозите од расен и меѓуетнички карактер. Едно од укажувањата на семинарот вреди да се нотира: личните примери на најдобрите во одредени средини, можат да го дадат најдобриот резултат.

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска